Министерството за внатрешни работи соопшти нови информации во врска со вооружената престрелка која синоќа се случи во Чаир.
Според најновите информации, полицијата околу 23:50 часот добила пријава дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје.
-На 11.02.2025 во 00.06 часот, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција, информира МВР.
По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје.
Исто така, по преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.