На магистралниот пат Струмица-Радовиш, во близина на бензинска пумпа кај село Владевци, синоќа во 22.45 часот полициски службеници пронашле осум лица мигранти во патничко возило „опел вектра“, со тетовски регистарски ознаки, сопственост на Ш.С.(30) од тетовско Слатино.
Полициските службеници, појаснуваат денеска од МВР, дале знак за запирање на „опел вектрата“, но возилото не застанало, по што удрило во бетонски ѕид на бензинската пумпа.
– После тоа, возачот и совозачот го напуштиле местото на настанот, а полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Исток и СВР Струмица во возилото пронашле осум лица мигранти и тоа еден од Сирија, тројца од Авганистан и четворица од Иран, се вели во соопштението од МВР.
За настанот е известен Јавен обвинител, а увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Струмица. Мигрантите се сместени во Прифатен центар за странци „Гази Баба“ и Привремен транзитен центар „Винојуг“ Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.