Министерството за внатрешни работи во текот на ноќта спроведе акција во која уапси седум лица на возраст од 23 до 47 години. Уапсените се осомничени дека како странски терористички борци, активно учествувале во војните во Сирија и Ирак. Претходно, за седумте лица била распишана и потерница, а се гонат за „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.
Нивните предмети ќе влезат во рамки на полициската акција „Ќелија 1“, која МВР ја започна пред три години, и „Ќелија 2“ од пред две години.
„Република Македонија презеде обврски за кривично гонење на своите државјани кои како странски терористички борци учествувале во кризните боишта во Сирија и Ирак и нивно враќање во матичната земја, почитувајќи го домашното и меѓународното право, како и основните човекови права и слободи. Оваа акција е уште еден показател дека институциите на Република Македонија имаат капацитет и кредибилитет да се справат со актуелните безбедносни предизвици и се сериозен партнер во глобалната коалиција за борба против тероризмот“, соопшти МВР.