Во магацин на улица „Ѓорги Трајков“ во Струмица каде се пакуваат хуманитарни пакети кои се донација од семејството Заеви, синоќа влегле полициски службеници и јавен обвинител.
Полицијата е и денеска пред магацинот и е стопирана дистрибуцијата на хуманитарната помош.
Александар Марковски од Здружението „Сите заедно можеме“, кое ги дистрибуира хумнитарните пакети, потврди за упадот на полицијата и рече дека во 13:00 часот пред просториите на магацинот ќе одржи прес конференција, на која ќе соопштат повеќе детаљи.
Според него, полицијата синоќа упаднала во објектот и барала документи за потекло на стоката. Од здружението изјавиле дека документите се кај донаторот, односно кај семејството Заеви.
Синоќешниот настан го потврдија и од ОЈО Струмица. Струмичкиот јавен обвинител, Миле Петков, рече дека обвинителството постапило по барање на полицијата.
МИА побара писмена информација и од СВР-Струмица и до објавувањето на веста се уште нема одговор од струмичката полиција.