Доајенот на македонската фолк музика Атина Апостолова почина денеска на 77-годишна возраст.

Трагичната вест прва ја потврди нејзината долгогодишна блиска пријателка Вики Среброва, а на социјалните мрежи од Апостолова се прости и нејзината ќерка.

Безживотното тело на Апостолова било пронајдено во нејзиниот дом, по што била повикана полиција и Итна помош.

-Во СВР Скопје околу 16 часот е пријавено дека во стан во Аеродром е пронајдена почината А.А. (77) без траги на насилство. Смртта е констатирана од лекар од Итната медицинска помош. Полициски екипи извршија увид на лице место. Телото е предадено на семејството за погреб, информираат од МВР за Курир.

Атина Апостолова е родена на 20 мај 1946 година во Скопје, каде и дипломирала на Економскиот факултет.

Апостолова беше присутна на сцената повеќе од четириесет години. Таа ќе остане запаметена по големиот број хитови, меѓу кои „Ако грешам, грешна да сум јас“, „Пејте, пејте еј, мераклии“, „Усни румени“,„Цела вечер ќе ти пеам, а ти крши чаши“, „Верувај ми“…

Имаше голем број на настапи и турнеји, и своевремено беше многу блиска со легендарниот Јонче Христовски. Настапуваше со Никола Бадев, Александар Сариевски, Круме Спасов…

Минатата година ја доби наградата за животно дело на фестивалот „Тумба Фест” во Куманово.