Сто грама кокаин и други предмети заплениле вчера полицајците во Кичево, при што привеле едно лице.
-Во рамките на засилените активности на Министерството за внатрешни работи за сузбивање на недозволената трговија со дрога, во координација на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи вчера во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево приведоа дилер и беа запленети над 100 грама кокаин и други предмети, соопшти МВР.
Полициските службеници вчера околу 20:20 часот на бул. „Ослободување“ во Кичево запреле возило „цитроен“, со тетовски регистерски ознаки, управувано од И.Б. (38) од истиот град.
При извршен преглед над И.Б., тој се обидел да фрли пластично топче во кое имало осум пакувања со кокаин. И.Б. е приведен во ПС Кичево, а во неговиот дом во Кичево е извршен претрес и притоа се пронајдени над 100 грама кокаин, еден килограм смеса за мешање за зголемување на масата на дрогата, дигитални ваги и други предмети.
Одземено е возилото „цитроен”, како и возило „порше”. Известен е јавен обвинител од ОЈО Кичево и по документирањето ќе биде поднесена кривична пријава.