Од страна на полицијата од СВР Тетово, поради непочитување на мерките за справување со коронавирусот, вчера биле лишени од слобода сопственици на два угостителски објекти во Тетово и Гостивар.
Од Министерството за внатрешни работи, информираат дека, вчера во 21:20 часот полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 38-годишниот тетовец Д.С, чиј угостителски објект на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, работел со гости по дозволеното време и не ги почитувал мерките за справување со коронавирусот.
– Објектот бил затворен, додека Д.С. е задржан во Полициската станица Тетово и по целосното расчистување и документирање на случајот ќе му биде изготвенa пријава по член 206 од Кривичниот законик, а поради сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, велат од Министерството.
Истиот ден, во 22:50 часот, полицијата го лишила од слобода Б.С.(27) од гостиварско Дебреше, затоа што неговиот објект во селото бил отворен и во него се наоѓале десетина гости.
Поднесок ќе има и за Б.С. поради истото сомнение, со тоа што неговиот угостителски објект без фирма бил затворен од Државниот пазарен инспекторат, информираат од МВР.