Од денеска почнуваат да функционираат вкупно 14 пунктови за земање материјали и брисеви за тестирање за коронавирус на територијата на целата држава.
Во Скопје пунктовите ќе бидат сместени во поликлиниките „Чаир“ и „Јане Сандански“, а во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени информациите за сите центри ширум државата.
-Ќе се тестираат граѓани по епидемиолошки индикации и со закажување по претходна најава кај матичниот лекар кој ќе треба да пополни алторитам што ќе укаже на тоа дали граѓанинот треба да биде тестиран или не. По вчерашниот координативен состанок со Здружението на матичните лекари тие целосно се вклучија во поддршка на овој систем на идентификација на рано откривање, зголемување на пристапот на пациентите односно граѓаните прво до дијагностика, а после и до спроведување и извршување на тестовите, соопшти вчера на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Повтори дека Кол-центарот е веќе во функција од викендот и оти тој за време на работните денови ќе работи и со зголемен капацитет на луѓе со цел да се избегне чекањето.
Во текот на денешниот ден, како што најави Филипче, по истекувањето на 14 дена од воспоставување на дијагнозата кај шест пациенти ќе се земе контролен брис.
– Од нив пет се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување на состојбата е поставена на респираторна машина, таа е во непроменета состојба во однос на неколкуте претходни денови, рече Филипче.
Министерот информира дека пациентите кои се на домашно лекување се во континуирана комуникација со лекарите од Инфективната клиника. Од денеска ќе биде во целосна функција системот на комуникација со медицинската сестра одговорна токму за оваа работа и по потреба консултација со лекар специјалист во кое било време за проценка на нивната состојба.
За воведувањето полициски час, министерот Филипче појасни дека тој не важи за здравствени работници со соодветен терк, припадници на МВР, на Армијата.
-Се разбира на сите други компании коишто мора редовно да ги спроведуваат обврските во интерес на граѓаните, како и производствените капацитети на храна кои имаат и работно време во текот на ноќта донесен е заклучок дека самите компании издаваат пропусници тогаш кога имаат вработени во три или четири смени и согласно тие пропусници тие ќе може да се движат кон нивните работни места, рече Филипче.