Министерството за здравство со голема жалост информира, дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби утрово почина 17 годишна пациентка од село Сопотиница, Демир Хисар.
„Младата пациентка имала хронично заболување јувенилен Diabetes Melitus Tipe 1 и не била вакцинирана. Тегобите кај пациентката биле 9 дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје. Според лекарските извештаи, на 18.10, младата пациентка за првпат побарала лекарски преглед во КБ Битола. Пациентката била донесена во болница со ниска сатурација, ТТ 40С, отежнато дишење и болки во телото и мускулите. Овие симптоми пациентката ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола.
Лекар ја прегледал во пнеумофизиологија – амбуланта за суспектни пациенти со Ковид, тестирана е за Ковид 19 и истот ден е добиен резултат – Ковид позитивна. Поради сериозност на состојбата задржана е во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка. За пациентката, поради тежината на состојбата, возраста и коморбидитетите, веднаш е организиран транспорт на КИБФС во Скопје.
На 19.10 пациентката со возило на итна помош е донесена на Клиниката во многу тешка состојба. За време на транспортот е на постојана кислородна поддршка под надзор на медицински тим во возилото. Пациентката е примена во единица за интензивна нега на КИБФС и почнат е интензивен третмант по протокол за лекување пациент со тешка Ковид 19 инфекција.
Во тек на престојот следи прогресивно влошување на состојбата со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рентгенграфски наод и клиничка слика. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот дена драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите превземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови почина“, се вели во соопштението.