Министерството за здравство соопшти дека се спроведуваат мерки и активности за подобрување на здравјето и животот на пациентите со рак на дојка.
Сите жени со рак на дојка имаат терапија. Со централизираната набавка обезбедени се над 30 молекули скапа биолошка терапија која не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Воведена е новина за двојно читање на мамографските слики. Оттсега, мамографските снимки за рано откривање рак на дојка ќе бидат независно анализирани од двајца радиолози, кои треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки, посочуваат од Министерството.
Од годинава, како што се наведува, првпат се обезбедени ортопедски градници за жените што се оперирани од рак на дојка, како и психолошка поддршка на онколошките пациенти.
Од Министерството истакнуваат дека во Клиничката болница во Битола вчера се пушти во употреба новиот дигитален мамограф, достапен за бесплатни, превентивни мамографски прегледи за сите жени во битолскиот регион, вклучувајќи ги и пациентките од тешко пристапните подрачја. Дигиталниот мамограф е обезбеден преку проектот од ИПА програмата за меѓугранична соработка Грција-С. Македонија (2014-2020).
Во фаза е централизација на сите онколошки оддели под Клиниката за онкологија во Скопје, со цел да се обезбеди максимална поддршка на пациентите и во другите градови, потенцираат од Министерството и ги повикуваат сите жени да прават редовни лекарски контроли кои се најефикасни за рано откривање и дијагностицирање на болеста, а покрај редовните контроли секоја жена треба да прави и месечен самопреглед на дојка.