Министерството за здравство соопшти дека уништениот инсулин бил од стоковните резерви и бил сомнителен.
Од Министерството посочуваат дека станува збор за инсулин набавен во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото отстранување било направено со одлука на Владата.
– Нема да дозволиме нашите граѓани да користат сомнителен инсулин. Уништениот инсулин од паралелен увоз е вреден 330.000 евра, а не еден ипол милион евра како што говорат во нивната прес-конференција. Еден од најголемите проблеми во здравството во владеењето на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше набавката на лекови со паралелен увоз и сомнителен квалитет, стои во соопштението.
Владата, посочуваат од Министерството, направи суштински реформи во здравствениот систем.
– Со донесените измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински средства, сега сите пациенти со дијабетес имаат оригинални инсулини со сертификат за квалитет. Пациентите користат квалитетни и оригинални инсулини. Не е како порано пациентите да не знаат каков инсулин примаат. Прашајте ги пациентите дали беа задоволни од инсулините од паралелен увоз со сомнителен квалитет и потекло. И прашајте ги сега, колку се задоволни од новите инсулини кои се оригинални. Воведовме три нови типови на инсулини, кои се најнова генерација на лекови, истакнуваат од Министерството.
Наведуваат дека со укинувањето на паралелниот увоз на лекови го загарантирале квалитетот на инсулин и пациентите со дијабетес имаат најквалитетна терапија и во континуитет се снабдени со инсулин во соодветни рокови и со подобар квалитет.