Министерството за здравство соопшти дека е посветено на обезбедување најквалитетен третман за пациентите со дијабетес.

– Во 2018 година, направени се значајни реформи со измената на Законот за лекови и медицински средства. Нема повеќе инсулини од паралелен увоз како порано и во државата донесени се оргинални инсулини со сертификат, какви што се носат во сите развиени европски земји. Воведени се три нови типови на инсулин, два инсулински аналози, инјектибилни и таблетарни. Со ова, значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот, информираат од Министерството.

Со сите чинители, посочуваат, активно се работеше во изготвување на новата 10-годишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита, а по нејзиното носење почнува ревитализација на сите центри за дијабетес ширум Македонија.

Со Предлог-буџетот за 2020 година, обезбедуваме инсулини, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење на шеќер и пумпи за континуирано снабдување на инсулин, во висина од 750 милиони денари, стои во соопштението.

Ова соопштение доаѓа откако вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека е уништен валиден инсулин во големи количини и вредност. А во јавноста, особено на социјалните мрежи имаше бројни коментари дека се уништува исправен инсулин за да се отвори „пат за некој друг да увезе“.