Вакцини против сезонски грип има за сите. Секој петок од тековната недела се отвораат термините за вакцинација за наредната недела. Годинава се набавени 40.000 вакцини, што е најголем број досега, информираа за МИА од Министерството за здравство.
Вакцините, како што посочуваат, се бесплатни за ризичните групи: лица постари од 65 годишна возраст, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до пет години, хронично болни лица, како и за здравствени работници во соодветни термини обезбедени за секоја категорија поединечно, со што ќе се задоволат потребите за имунизација на општото население.
– По спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација. Имено, се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба каде физичка и временска дистанца меѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор, нагласуваат од Министерството за здравство.