На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера се вакцинирани вкупно 417 141 граѓанин. Прва доза вакцина вчера примиле 7 751 граѓанин, а вчера вкупно се вакцинирале 9 213 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 662 372 дози вакцини, а ревакцинирани се 245.231 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 54 проценти од населението над 70 години, 52 проценти над 65 години, 47 проценти над 60 години, како и 39 проценти од населението над 50 години.
Од Министерството за здравство тврдат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација, наведуваат, секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496.228 граѓани.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што потенцираат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.