Бугарскиот пливач Јане Петков од Петрич, кој идната седмица планира во водите на Охридското Езеро да преплива повеќе од 3,5 километри врзан со синџири и во вреќа и на тој начин да оствари нов Гинисов рекорд, утре во Охрид ќе одржи предавање за посебни техники на дишење, концентрација и контрола на мислата.
Предавањето, кое е најавено за утревечер од 19 часот во просториите на Црвениот крст во Охрид, е отворено за сите заинтересирани што сакаат да слушнат корисни совети и да научат и применат проверени вештини за здраво и долго живеење.
Јане Петков од 10 јули е во Охрид каде се подготвува за подвигот предвиден за 24 јули. Тој имаше Гинисов рекорд во пливање со синџири и во вреќа, поставен во 2013 година токму во Охридското Езеро, кога патеката од Горица до Градското пристаниште во должина од 2.388 метри ја преплива за 2:55:47 часа.
Неговиот рекорд го собори Индиецот Гопал Карви кој преплива 3.071 метри во водите на Индискиот Океан.