Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска најави дека на 29 април во Берлин заедно со премиерката Ана Брнабиќ и со претседателот и премиерот на Косово Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, ќе имаат средба со германската канцеларка Ангела Меркел и шефот на француската држава Емануел Макрон.
Како што јави МИА од Белград, Вучиќ одржувањето на средбата го соопшти по неговиот состанок со околу 150 политички претставници на косовските Срби.
Една од темите на состанокот беше ситуацијата во Косово, по одлуката на претседателот Тачи да распише избори за градоначалници во четирите општини во северно Косово, каде мнозинството од жителите се Срби.
На прес-конференцијата по состанокот, Вучиќ изјави дека Албанците бараат „послушни Срби, кои никогаш нема да ја споменат Србија и на кои Косово ќе им биде татковина“, порачувајќи воедно дека има две молби до косовските Срби.
– Ги замолив да не дозволат едниот процент Албанци во четирите општини во северно Косово, каде што се распишани локалните избори, да одлучат кој ќе ги претставува Србите. Втора молба е да почекаат со одговорите на Приштина за распишувањето на изборите и за таксите, по состанокот во Берлин со Ангела Меркел и Емануел Макрон, на кој на 29 и 30 април ќе одиме со премиерката Ана Брнабиќ и јас, а на кој одделно се повикани Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, изјави Вучиќ, додавајќи дека ќе се сретне и со претседателот на Кина Си Џинпинг и дека би сакал да разговара и со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој најави дека по овие средби на Србите во Косово ќе им го претставам планот на мерки на Србија.
– Ги почитувам Ангела Меркел и Емануел Макрон, мислам дека имаме взаемно почитување, но имајќи предвид со кого соработуваме во Приштина, не очекувам ништо од состанокот во Берлин, изјави Вучиќ.
Тој повтори дека Белград е подготвен за разговори, кога Приштина ќе ги укине таксите и дека „има многу што да ги праша, со оглед на сето она што го направија во меѓувреме.“
– Ако мислат дека некој ќе разговара за нивната платформа, можат слободно да ја искинат во колку што сакаат парчиња. Јас дури и нема да ја погледам. Ја погледнав само заради тоа да видам колку можат да бидат безобразни и видов дека не постојат граници на нивното безобразие, нагласи претседателот на Србија.
Според него, Албанците имаат поддршка од Американците со цел од Србите да направат Срби послушници.
Претседателите на косовските општини Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан лани во ноември поднесоа оставки, откако косовската Влада воведе такси од 100 отсто на увозот на српски производи.
По состанокот со Вучиќ, претставниците на Српската листа соопштија дека одлучиле да учествуваат на изборите за претседателите на четирите општини во северниот дел на Косово.
Оваа одлука биле донесена, како што нагласија, „за да не се случи Албанците со 0,1 или еден процент да ја преземаат контролата на северот на Косово“.