Негувањето на односот кон народното творештво и народниот јазик го задолжуваат Круме Кепески за неговиот придонес во развојот на македонскиот литературен јазик. Нивното познавање е суштинско при учеството во анализата на законитостите врз кои се гради македонскиот литературен јазик но и трајното опстојување на народниот јазик и творештвото воопшто како основа за понатамошното негово развивање.
Сепак, потребно е да се укаже дека карактеристично во нашиот историски развој е во определена мера отстапувањето од антрополошкиот приод кон народот. Поради нејасниот пристап кон народното творештво изостанува пристапот кон македонската култура заснована врз народна бит.
Како последица оттаму се јавуваат извесни недоразбирања околу историскиот континуитет на творештвото на македонскиот народ и во врска со неговиот развој. Секако, недоразбирањата произлегуваат од приодот кон нацијата, па и со оглед на идеолошкото гледање но различните гледања извршиле влијание за периодизацијата во развојот на културата на македонскиот народ.
Тезата за културата во Македонија дека се создава врз литературниот јазик застапена е непосредно по ослободувањето и опстојува во целиот повоен социјалистички период. Тезата произлегува од дефиницијата на нацијата како територијална, економска заедница чија одлика е литературниот јазик врз кој се изградува национална култура, елаборирана од Е. Кардељ во делото „Развиток на словенечкото национално прашање“, 1939 година. Со што се превидува дека народната култура, чие огледало е народното творештво, и која има рани корени, е тесно поврзана со животот на народот.
Круме Кепески во необјавениот текст, сочуван во неговата заоставштина, како одговор на прашањето за суштината на културата при актуелната полемика, 1951 година, укажува на својот пристап за односот на народниот и литературниот јазик. Круме Кепески, со оглед на застапената теза дека литературниот јазик е „оној јазик на кој се развива културата на народот“, објаснува дека, со оглед на тоа што ние имаме литературен јазик од ослободувањето наваму, со ваквиот пристап, дефиниција, не се опфаќа народната култура. Во исто време кога народната култура – изразена преку народното творештво, се развивала, со векови, на народниот јазик, и поради што културата се шири и на народниот јазик – устно, односно преку устна реч.
Во таа смисла го наведува, во оригинал, Крсте Мисирков кој вели: „Народните песни се показалка на степенот од умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот. Народот в песни излива чувствата си, в них увековечвит животот ни и давнешните му подвизи, в них находвит душевна храна и развлечение; Затова желба и в радост, на свадба и хоро, на жетва и грозјебранје, на везенје и преденје, на по поле и по гори, штедро изливат песните, како од богат извор; За това можит да се речит, че народот е секогашен и велик и дејќи творецот на творештвото е народот“.
Впрочем како што е и ставот на големиот руски поет, А. Пушкин, за народното творештво како за „начин на мислење и чувствување, обичаи, верувања и навики што им припаѓаат на еден народ“, кој, исто така, го наведува. Ги наведува и ставовите на рускиот книжевен критичар В. Г. Белински за тоа дека поезијата на секој народ е непосреден израз на неговото сознание и дека „творештвото по содржина е израз на историскиот живот на еден народ“. Така што во народното творештво гледаме „отпечаток на народната физиономија, на народниот дух и на народниот живот“. Односно дека е „израз на духот, на внатрешниот и надворешен живот на нашиот народ во минатото“. „ А народнотот творештво ги содржи и сите елементи, неопходни за создавање на големо творештво, а тоа се: тема, идеа, јазик и др.“
Заклучокот кој може да се извлече е дека народната основа, како корен, е основата за автентичноста и на севкупното творештво на еден народ. Тоа е начинот на кој сите големи народи го создале своето препознатливо творештво. Во ист правец се и и најголемите македонски остварувања во творештвото но потфатите во развитокот на македонскиот литературен јазик. И можат да бидат успешни и во иднина.
Јованка Кепеска