Струјата од јули ќе поскапи за најмалку 10%. Власта не подготвува за нов ценовен шок кој според регулаторот е неминовен и ќе биде резултат на еден куп натрупани државни трошоци. Но овој процент може да се случи да биде и доста повисок, оти пресметките на загубите на енергетските компании се уште се разгледуваат. Дополнителен проблем се и општините, кои трошат многу, а плаќаат малку. Тие повеќепати алармираа владата да им помогне, но попусто. Според Марко Бислимовски првичното поскапување било поради малверзации кои ги правеле општините.

– За само 3 месеци општините за да си ги скусат трошоците за струја формирале јавни претпријатија преку кои си обезбедувале струја по цена за домаќинствата и за само 3 месеци направиле долг од 30 милиони евра. Пред да почнат да ги разгледуваат пресметките на трошоците од енергетските компании, веќе на граѓаните им се заканува раст од минимум 10%, поради малверзaции кои ги прават дел од општините, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимовски.