Каде исчезнаа термините за вакцини против сезонски грип? На првиот ден од стартот на вакцинацијата, матични лекари ниту во 7 часот наутро не можеле да најдат ниту еден слободен термин за пациентите. Доктори за „Алфа“ велат дека ординациите цело претпладне им биле полни со хронично болни кои притискале да добијат термин за вакцинирање. Добивале и закани, а некои од пациентите си ги земале документите за да се префрлат на друго место.

Матичните се збунети – прашуваат како е можно сите 40.000 термини уште во 7 часот наутро да се исполнети, а не биле пуштени вчеравечер до крајот на работното време.

-Вчера бев втора смена на работа, проверив во 19 часот пред да заминам термини за вакцина против грип немаше. Утрово во 7,15 ниту јас ниту колешките не можевме да најдеме ниту еден слободен термин, вели за телевизијата докторка која сака да остане анонимна и прашува дали некој прави злоупотреба со термините за вакцинирање.

За лошото менаџирање од страна на надлежните алармираат и од Здружението на матични лекари. Велат нема никаква координација помеѓу матичните лекари и надлежното министерство бидејќи никој не ги известил кога ќе стартува закажувањето за вакцините против грип.