На црковно место најприродно е да биде поставен крст. Крстот на Попова Шапка е поставен по барање на верниците и според Законот за градење не е објект туку урбана опрема, за која не треба дозвола за градба туку решение за поставување, чија законска рамка ниту верските објекти ниту државните институции не ја почитуваат – изјави за „Слободен печат“ претставник на Црковниот одбор на манастирот „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка по низата реакции за поставениот 15-метарски крст во дворот на манастирот.
– Крстот е симбол на христијанската вера и истиот не треба да биде јаболко на раздорот во нашето општество. Законот треба да се почитува, но не селективно. Според Законот за градење, па дури и за контејнер за отпад треба да имаш дозвола за поставување, тоа кај нас не се почитува, не само низ Попова Шапка туку и низ градовите. Тоа е пракса, а не закон, најголем дел од таа урбана опрема да се поставува без решение за поставување. Не знам зошто толку се дигна врева за Попова Шапка. Не е подигнат крстот, како некои други објекти, на државно земјиште, тој е подигнат во дворот на манастирот – вели архитект Богосав Божиновски, кој е и член на црковнит одбор на манастирот.
Тој бара преку поставениот крст да не се собираат политички поени во пресрет на изборите. Истиот не треба да се поистоветува со никаква етничка припадност оти тој е симбол на сите христијани.