На денешен ден
2 октомври 2018
1187.- Арапскиот војсководец и египетски султан Саладин го презел Ерусалим од христијаните, со што во 1189 година ја предизвикал Третата крстоносна војна.
1608.- Пред Државниот совет во Хаг, холандскиот оптичар Ханс Либертеј го демонстрирал првиот употреблив дурбин. Познатиот Галилеј првиот дурбин го употребил кон ѕвезденото небо, а Коперник и Њутон го усовршиле толку многу што тој станал незаменлив инструмент во науката.
1836.- Англискиот научник Чарлс Дарвин по петгодишните истражувања на живиот свет во Јужна Америка и на островите на јужен Пацифик со бродот „Бигл“ впловил во пристаништето Фалмут. Истражувањата значително придонесле за развојот на неговата теорија за еволуцијата.
1847.- Роден е германскиот државник и фелдмаршал Паул фон Хинденбург кој во Првата светска војна бил началник на штабот на германската Врховна команда, а од 1925 до смртта во 1934 година бил претседател на Германија.
1852.- Роден е шкотскиот хемичар Вилијам Ремзи, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1904 година. Тој ги открил хелиумот, аргонот, криптонот, радонот, неонот и ксенонот. Вилијам Ремзи докажал дека хелиумот се создава при радиоактивното распаѓање на радиумот.
1869.- Роден е Махатма Ганди, познат индиски национален водач, хуманист и политичар кој се борел за помирување и соработка меѓу Индијците со индуистичка и муслиманска вера. На 30 јануари 1948 година во Делхи бил убиен од еден индуистички фанатик. Со својот ненасилен политички и хуманистички ангажман во остварувањето на независноста на Индија станал пример и идол во целиот свет.
1870.- Рим станал главен град на обединета Италија.
1904.- Роден е англискиот писател Грејм Грин, суптилен аналитичар на психата. Дела: романите „Брајтонска карпа“, „Моќ и слава“, „Крај на љубовта“, „Монсињор Кихот“, „Доктор Фишер од Женева“, „Третиот човек“ и други.
1924.- Друштвото на народите го усвоило Женевскиот протокол за мирно решавање на меѓународните спорови.
1935.- Италија ја нападнала Абисинија (Етиопија). Италија користела најмодерно оружје и забранети боеви отрови. Етиопија под нејзина окупација останала до 1941 година.
1944.- По 63 денови исполнети со тешки борби било задушено востанието на жителите на Варшава, во Полска. Востаниците херојски се бореле, но не можеле да им се спротивстават на многу помоќните сили на германскиот окупатор, кои сурово се пресметале со востаниците. Во востанието загинале околу 250 илјади жители на Варшава, а самиот град бил речиси разорен.
1958.- Француската западноафриканска колонија Гвинеја се стекнала со независност.
1967.- Во Скопје, во салата на ДТВ „Партизан III“, двајцата ентузијасти, пропагатори на боречките спортови – Атанас Којчевски, професор по физичко воспитување и Сејдо Теофиловски, студент, со 117 младинци го одржале првиот час по карате во Македонија.
1973.- Умрел финскиот тркач Паво Нурми, кој на долги патеки освоил девет златни медалји на Олимписките игри во 1920, 1924 и во 1928 година. Светскиот рекорд го соборувал дури 29 пати.
1985.- Во својата вила во Беверли Хилс, Лос Анџелес, САД, умрел Рок Хадсон, еден од најпознатите и најпродуктивните американски актери по Втората светска војна. Роден бил во државата Илиноис, на 17 ноември 1925 година.
1990.- На аеродромот во кинескиот град Гуангџои загинале 127 луѓе кога киднапиран кинески авион удрил во два авиона кои биле на аеродромската писта.
1992.- Во Рим, пред италијанскиот Парламент познат под името Монтециторио се одржале протестни манифестации во полза на признавањето на Република Македонија.
1994.- Во Пробиштип била осветена новоизградената црква „Пресвета Богородица“.
1996.- Поранешниот бугарски премиер Андреј Луканов бил усмртен со огнено оружје пред својата куќа во Софија.
1998.- Жан Пол Акајес, бивш мајор на армијата на Руанда, обвинет за геноцид и злосторство врз човештвото, во Хаг бил осуден на три доживотни казни.
2000.- Во Скопје умрел Александар Ивановски, македонски новинар, еден од основачите на весникот „Вечер“. Роден бил во Скопје, на 21 февруари 1937 година.
2006.- Успешно се спуштила на земјата првата вселенска туристка Ануша Ансари, Американка од иранско потекло. И покрај малите проблеми во текот на првиот ден од летот, таа успешно и во целост ги извела сите научни експерименти при престојот во Меѓународната вселенска станица. Родена е во Техеран во 1967 година, а емигрирала во САД во 1984 година. Престојот во вселената ја чинел 20 милини долари.
2007.- Во пожар на Московскиот факултет за државен корпоративен менаџмент загинале девет, а повредени биле 51 лице. Меѓу загинатите и повредените повеќето биле студенти и професори на овој факултет. Во пожарот во целост изгорел четвртиот, последен кат, и дел од третиот.
2017.- На 66-годишна возраст во Калифорнија почина легендарниот рок музичар Том Пети. Познат е по хитовите „Фри фолинг“ (Free Fallin) и „Американ грл“ (American Girl). Неговата кариера е поврзана со рок групата „Хартбрејкерс“ (Heartbreakers) и со групата „Травелинг Вилберис“ (The Traveling Wilburys). „Пети и Хартбрејкерс“ (Tom Petty and the Heartbreakers) оваа година го започнаа одбележувањето на 40-годишнината со турнеја во САД. Пети ја создаде групата „Хартбрејкерс“ кон средината на 70-те години на минатиот век, а во 80-те беше коосновач на „Травелинг Вилберис“ (The Traveling Wilburys), заедно со Боб Дилан, Рој Орбисон, Џорџ Харисон и Џеф Лин.