На денешен ден

28 септември 2018

1573.- Роден е Микеланџело Караваџо, италијански сликар. Тој решително прекина со дотогашното идеалистичко интелектуално сфаќање на сликарството и се ориентира кон натурализмот. Изврши големо влијание на француското и на холандското сликарство во 17. век. Умре на 31 јули 1610 година.

1831.- Во Сподње Ретје е роден Фран Левстик, словенечки писател и борец за национални идеи и слобода. Од делата познати му се „Мартин Крпан“, „Патување од Литија до Чатеж“ и други дела. Умре во Љубљана, на 16 ноември 1887 година.

1864.- Во Лондон е основана Првата интернационала (1864-1876) – меѓународно здружение на работниците, со учество на работничките претставници на Франција, на Англија, Италија и на Ирска. Голема улога во нејзиното основање одигра Карл Маркс, кој ги напиша двата документа: „Основачкиот манифест“ и „Привремениот статут на здружението“.

1891.- Во Њујорк умре Херман Мелвил, еден од најголемите американски писатели кој низ симболи и алегорија многу често укажуваше на себичноста и комерцијализацијата на општеството. Своите доживувања на морнарите и ловците на китови ги изнесе во многу приказни и романи. Најпознато негово дело е романот “Моби Дик”. Роден е во Њујорк, на 1 август 1819 година.

1895.- Во Париз умре Луј Пастер, француски хемичар и биолог. Ја откри вакцината против беснило, утврди дека ферментацијата е биолошки процес и ги доби дотогашните теории за спонтаната реакција на микроорганизмите. Роден е на 27 декември 1822 година.

1898.- Италијанскиот лекар и зоолог Батиста Граси ги објави резултатите од повеќегодишните проучувања во кои ги откри вистинските причинители и пренесувачи на маларијата.

1902.- Во селото Крушоради, Леринско, во борба против турската војска и башибозукот, немајќи друг излез, се самоубија тројца македонски борци, на чело со војводата Дине Кљусов.

1910.- Во селото Слап е роден Цирил Космач, еден од најголемите словенечки писатели. Ги напиша збирките раскази „Среќа и леб“, „Од мојата долина“, „Пролетен ден“, романот „Балада за трубата и облакот“ и други дела. Умре во Љубљана, на 28 јануари 1980 година.

1924.- Во Фонтана Лири е роден Марчело Мастројани, италијански филмски актер. Умре во Париз, на 19 декември 1996 година.

1960.- Во Скопје умре Наум Наумовски – Борче, народен херој на Македонија. Роден е во Крушево, на 1 април 1920 година.

1966.- Умре францускиот писател Андре Бретон. Дела: „Надреалистичка револуција“, „Наѓа“, „Изгубени чекори“, „Фатаморгана“, „Надреализам и сликарство“.

1970.- Умре египетскиот државник Гамал Абдел Насер, шеф на државата од 1956 година, творец на модерниот Египет и еден од основачите на Движењето на неврзаните.

1973.- Умре Хју Одн, англиски поет и драмски писател. Тој е интелектуален творец, чиј поетски јазик е близок до говорникот. Познати негови поетски дела се „Песни“, „Говорници“, „Танц на смртта“, „Новогодишно писмо“ и други. Добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1971 година. Роден е на 21 февруари 1907 година.

1978.- Умре папата од италијанско потекло Јован Павле Први, кој беше поглавар на римокатоличката црква само 33 дена. Неговите идеи изложени на почетокот на понфикатот многу го вознемирија Ватикан. Од 1969 беше надбискуп во Венеција, а за папа беше избран на 26 август 1978 година. Умре под неразјаснети околности.

1990.- Умре италијанскиот писател Алберто Моравија. Пишуваше романи, театарски парчиња, раскази, есеи, патописи, филмска и театарска критика. Дела: романите „Рамнодушни луѓе“, „Година 1934“, „Внатрешен живот“, расказите „Автомат“, „Римски приказни“, „Втор живот“.

1993.- Владата на Демократска Народна Република Кореја донесе одлука за признавање на Република Македонија.

1994.- Во Скопје умре Вангел Коџоман, еден од основоположниците на современото македонско сликарство. Роден е во Струга, на 14 февруари 1904 година.

1994.- Во најголемата мирнодопска поморска несреќа во Европа, повеќе од 900 луѓе загинаа кога во невреме во Балтичкото Море спроти финскиот брег потона фериботот „Естонија“.

1994.- Во Скопје, во издание на “МИ-АН”, излезе првиот број на “Македонско време”, независен информативно-политички њус магазин.

2000.- Умре канадскиот државник Пјер Елиот Трудо, кој со мали прекини ја водеше земјата 16 години. Првпат беше избран за премиер во 1968 а на власт остана до 1979 година. На чело на извршната власт на Канада повторно беше  од 1980 до 1984 година, а на Либералната партија  од 1968 до 1984 година.

2003.- Умре американскиот филмски режисер од грчко потекло Елија Казан, добитник на награди на Американската филмска академија за животно дело. Добитник е на 20 Оскари во разни категории, вклучувајќи и два за режија. Филмови: „Џентлменски договор“ (Оскар), „Источно од рајот“, „Сјај во трева“, „Бејби Дол“, „Дива река“, „Вива Запата“, „Бумеранг“, „Паника на улиците“, „Америка, Америка“, „Посетители“, „Трамвајот наречен желба“.

2016.- Во Тел Авив на 93-годишна возраст почина Шимон Перес, поранешен израелски претседател и виден државник. Со смртта на Шимон Перес од светот си замина една историска фигура, последниот преживеан од генерацијата основачи на израелската држава и еден од архитектите на спогодбата од Осло, со која беа положени темелите на палестинската автономија во 90-те години од минатиот век, заради што ја доби и Нобеловата награда за мир.