На денешен ден

3 октомври 2018

– Светски ден на пешачењето.

1796.- Предводени од владиката Петар I Петровиќ Његош, Црногорците ги победиле Турците, а во битката загинал скадарскиот паша Махмут Бушатли, кој со 23.000 војници се обидел да ја покори Црна Гора.

1824.- Собранието на Мексико го усвоило Уставот со кој државата стана независна.

1835.- Роден е францускиот композитор, пијанист, диригент и оргулист Шарл Камиј Сен Санс, романтичар со типичен француски дух и рационални музички форми. Дела: операта „Самсон и Далила“, три симфонии, поемата „Танц на смртта“, четири симфониски песни, пет клавирски концерти, три концерти за виолина, концерт за виолончело, композицијата за камерен состав „Карневал на животните“, клавирско трио, два гудачки квартета, балетот „Зборливка“.

1888.- Роден е германскиот новинар Карл фон Осјецки, добитник на Нобеловата награда за мир во 1935 година. Тој открил дека Германија повторно се вооружува пред Втората светска војна. Првпат бил уапсен во 1931, а вторпат во 1933 година по доаѓањето на нацистите на власт. Бил затворан во концентрациони логори, а во 1938 година умрел од повредите здобиени во логорите.

1895.- Во селото Константиново (Есенино), Рјазанска област, е роден Сергеј Александрович Есенин, еден од најчитаните руски лиричари и истакнат обновувач на поетската сликовитост. Познати негови дела се „Задушница“, „Триптих“, „Стихови на скандалистите“, „Кафеанска Москва“, „Советска Русија“, „Персиски мотиви“ и „Ана Снегина“. Во Санкт Петербург, во состојба на тешка душевна депресија, се самоубил на 28 декември 1925 година.

1897.- Роден е францускиот писател Луј Арагон, најпрвин дадаист а потоа еден од првите идеалисти. По конгресот на револуционерните писатели во Харков во 1930 година, се определил за соцреализам. На Комунистичката партија на Франција и пристапил во 1927 година, учесник бил во Граѓанската војна во Шпанија и во француското Движење на отпорот во Втората светска војна. Дела: збирка песни „Оган на радоста“, „Ура Урал“, „Елзините очи“, „Очи на сеќавањата“, „Елза“, „Вечно движење“, романите „Селанецот од Париз“, „Базелски ѕвона“, „Света недела“, „Комунисти“ и други.

1906.- Во Берлин Радио-конференцијата го прифатила SOS како меѓународен сигнал за помош.

1910.- Во Хајден умрел Жан Анри Дигнан, швајцарски филантроп, основач на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во 1863 година кој подоцна прераснал во меѓународна организација. На оваа идеја дошол по битката кај Солферино (24 јуни 1859 година), во Италија, кога го организирал месното население за помош на ранетите. Целиот свој живот го посветил на своите хуманитарни идеи и акции. Во 1901 година ја добил Нобеловата награда за мир. Роден е во Женева, на 8 мај 1828 година.

1929.- Називот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците бил сменет во Кралство на Југославија.

1929.- Во Берлин умрел Густав Штреземан, германски политичар и државник. Во 1926 година ја добил Нобеловата награда за мир за потпишувањето на неколку значајни мировни спогодби. Роден бил во Берлин, на 10 мај 1878 година.

1932.- Ирак се стекнал со независност и станал член на Друштвото на народите, по завршувањето на британскиот мандат.

1943.- Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија упатил Манифест до македонскиот народ во кој биле изнесени основните прашања во врска со ослободителната борба на македонскиот народ, карактеристиките на ослободителното движење, потребата за единство на македонскиот народ со сите националности во ослободителната борба.

1944.- Германските МЕ-262 се првите млазни авиони во историјата. Во техничка смисла револуционерните летала постигнувале брзина над 800 километри на час.

1952.- На островите Монте Бело покрај северозападниот брег на Австралија, Велика Британија ја испробала првата атомска бомба.

1954.- Во Лондон, на конференцијата на девет западни земји било одлучено СР Германија да стане член на Северноатлантскиот пакт.

1968.- Претседателот на Перу Фернандо Белаунде Тери бил соборен во воениот удар од левичарската Национална револуционерна хунта која ја предводел генералот Хуан Веласко Алварадо.

1981.- Ирските националисти по седум месеци се откажале од штрајкот со глад во затворот Мејз во Белфаст. Во текот на штрајкот умреле 10 штрајкувачи.

1990.- По 45 години административна поделба меѓу сојузниците во Втората светска војна, одново се обединиле СР Германија и ДР Германија.

1991.- Претседателството на СФРЈ според Уставот почнало со работа во услови на непосредна воена опасност, оценувајќи дека е на повидок граѓанска војна. Претставниците на двете републики Хрватска и Словенија излегле од Претседателството.

1992.- Умрел проф. д-р Миодраг Мицев, истакнат македонски научен работник на полето на невротичните состојби и психоматските заболувања, професор на Медицинскиот факултет и на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Меѓу најзначајните негови трудови се „Психоанализата на театарот“, „Интимно за мажите“, „Зошто“ и други. Роден бил во Белград, во 1935 година.

1995.- Франција и понатаму го игнорирала меѓународниот притисок и извршила нова нуклеарна проба во јужен Пацифик.

1995.- Во Скопје, врз претседателот на Република Македонија Киро Глигоров бил извршен атентат со експлозија на автомобил-бомба. Притоа, претседателот бил повреден. На самото место загинал неговиот возач Александар Спировски. Повредени биле претседателскиот придружник и телохранител Илчо Теовски, случајните минувачи Христо Христоманов, Климе Коробар и Јован Атанасовски, а била направена и голема материјална штета.

1997.- На експерименталната железничка делница западно од Токио, јапонски воз на магнетни перничиња со постигната брзина од 451 километар на час го соборил светскиот рекорд.

2002.- Турскиот суд и формално му ја укинал смртната пресуда на курдскиот бунтовник Абдулах Оџалан, кој во 1999 година бил уапсен и најбрзо осуден на најтешката казна.

2002.- Конституирано било четвртото (третото по осамостојувањето) Собрание на Република Македонија. За претседател на Собранието бил избран Никола Поповски.

2004.- Умрела американската филмска актерка Џенет Ли. Снимила повеќе од 60 филмови, играјќи со славните имиња Џејмс Стјуарт, Џон Вејн, Френк Синатра и Пол Њумен. Вистинската слава и ја донесол филмот на Алфред Хичкок „Психо“ во 1960 година. За улогата во филмот го добила „Зланиот глобус“ и била номинирана за Оскар. Најпознатата сцена во филмот, кога Џенет Ли се тушира, влегла во сите кинематографски антологии. Родена била во 1927 година.

2007.- Воената управа во Мјанмар, како гест на добра волја, ослободила 80 будистички монаси кои учествувале во големите антивладини протести. Мјанмар, поранешна Бурма, е земја во која будистичкото монаштво ужива посебен општествен углед.

2007.- Во несреќата недалеку од Јоханезбург, во рудник за злато во сопственост на петтиот светски производител на злато „Хармони Голд“ затрупани беа приближно 3.200 рудари, на длабочина од околу 2.200 метри. До несреќата најверојатно дошло поради попуштање на платформата во едно од подземните окна, по прскањето на водена пумпа.

2016.- Умрела Љупка Димитровска, доајен на забавната музика во поранешна Југославија, а врвот на својата популарност го достигнала во 70-те и 80-те години од минатиот век. Првиот албум „Љупка“ го објавила во 1975 година, а зад неа останале речиси пет децении музичка сцена во текот на кои отпеала многу хитови, незаборавни песни кои ги напишал нејзиниот веќе покоен сопруг Никица Калоѓера. Повеќепати пеела на Сплитскиот фестивал, а хитовите „Годините не се важни“, „Јас го сакам, тој мене не“, „Нема веќе љубов“, „Ќе се лути мојата мајка“,… се влезени во антологијата на забавната музика. Димитровска Калоѓера била родена во 1946 година во Скопје.