На 6 јануари 1916 година, еден ден пред Божик, на православниот празник Бадник, бугарската војска извршила масакр врз 102 Македонци од повеќе села во Поречието.

Меѓу масакрираните имало видни жители на овој дел од Македонија, меѓу кои кметови, илинденски војвода и повеќе комити, учители, претседатели на селски одбори и други Македонци.

Меѓу убиените е и еден од бугарските војници, кој одбил да учествува во злосторството поради што и тој бил убиен и станал 103-тата жртва на овој злостор.

За овој настан во Википедија на македонски јазик пишува:

„По повлекувањето на Србите за време на Првата светска војна Бугарија го окупирала вардарскиот дел на Македонија. Во неа потоа Бугарите почнале да организираат казнена експедиција под водство на потполковникот Констатин Панов. Се воделе т.н. „црни списоци“ на видни Македонци: свештеници, учители, претседатели на општините, началници на комитети, војводи и четници. Биле уапсени 205 лица од овој список. Едни биле однесени во Околиското началство, други во затвор во Прилеп, а потоа повторно вратени во Поречието“, пишува во статијата.

На Бадник, се додава натаму во статијата, половината од „црниот список“ биле заклани и масакрирани и биле фрлени на ископ кај месноста Дервишка Нива.

„Во списите на манастирот Св. Богородица крај Манастирец се чува списокот на убиените. Сите жртви се од Поречието, најмногу 22 се од селото Здуње, 11 од Лупиште, 9 од Томино Село, а по 8 од Долни Манастирец и Зркле. Поречани подоцна им подигнале костурница во близина на манастирот“, се наведува во статијата.

На 5 јануари 2022 година пред спомен-костурницата, која се наоѓа во близина на манастирот Рождество на Пресвета Богородица кај селото Манастирец, во општина Македонски Брод, била одржана панихида за убиените 102 жители на Поречието.

Поставена била и спомен-плоча со имињата на сурово убиените во овој масакр во месноста Дервишка Нива кај Барбарас, извршен на Бадник 1916 година по наредба на по наредба на бугарскиот потполковник Константин Панов.