„Да, Република Македонија, да“ беше мотото на големиот семакедонски протестен митинг против Лисабонската декларација, што се одржа на денешен ден, пред 29 години.
Во историскиот календар за Република Македонија е запишано дека на 12 јули 1992 година, во Скопје и во сите места каде што живеат Македонци, се одржа Светски семакедонски протестен митинг под мотото „Да, Република Македонија, да“.
Протестот беше организиран против Декларацијата на тогашната Европска заедница (денес Европска унија) од 27 јуни 1992 година, со која се бараше Република Македонија да го промени името, односно да не го содржи зборот Македонија.
Претходно на 1 јули 1992 година започна седницата на Собранието на Република Македонија на која беше разгледана Лисабонската декларација за да се изгради став на Македонија спрема декларацијата.
„Беше бурна, драматична седница. Прв зборуваше министерот за надворешни работи, Денко Малески. Тој истакна дека длабоко верувал во принципите на нова Европа, но се покажало дека Европа своите принципи ги применува недоследно и селективно. Европската заедница наполно се оглуши на нашите аргументи поради свои интереси во односите со една нејзина членка… Малески подвлекуваше дека со тоа сме станале побогати за уште едно искуство кое укажува дека се важни принципите, но важен е и односот на силите и дека тоа од нас ќе бара упорност и готовност да издржиме во својата политика. Зборуваше за своето чувство како во последните месеци да се згуснала целата наша историја и дека македонскиот народ и Македонците со одлуката на ЕЗ во Лисабон повторно се исправени пред потребата да се борат за својот опстанок и за зачувување на уставното име на нашата држава“, стои во записот.
Во новинските архиви од седницата уште е запишано:
„Најголемиот дел од пратениците зедоа учество во расправата. Сите до еден се изјаснија дека го отфрлааат барањето содржано во Лисабонската декларација во врска со името на нашата држава. На крајот на седницата беше усвоена Декларација на Собранието, во која Собранието на Република Македонија го оцени за неприфатлив делот на Декларацијата за поранешна Југославија на Европскиот совет на ЕЗ (усвоена во Лисабон на 27 јуни 1992 год.), што се однесува на признавањето на Република Македонија“ со име кое нема да го вклучи терминот „Македонија“. Исто така, Собранието на Република Македонија побара од ЕЗ, КЕБС и ООН како и од нивните земји – членки, да ја признаат Македонија под нејзиното уставно име и во нејзините постојни граници“.
(Подготвил: Д.Г.)