Тринаесетти август, во нашата историја е запишан како еден од црните денови за Македонија.
На овој ден се случиле најмалку три погибија: херојската смрт на Мечкин Камен на војводата Питу Гули, неговите знаменосци и 40-тина македонски комити, на планината Кожув загинувањето на војводата Лука Иванов во борба со грчките андарти, а за време на СФРЈ во 1951 година ликвидацијата на петте струмички студенти на планината Беласица, членови на ВМРО.
Од поновата историја 13 август е запишан како ден на потпишувањето на Охридски договор, во Скопје, со кој беше завршен конфликтот меѓу бранителите на Македонија и терористичката ОНА.
На денешен ден во 1903 година во месноста Мечкин Камен, близу до Крушево, македонскиот војвода Питу Гули го распореди својот одред и со куршуми ги пречекуваше јуришите на османлиската војска.
Во епопејата на Мечкин Камен херојски загинаа Питу Гули, двајцата негови знаменосци Ѓорѓи Димев и Нове Смугре и 40-тина македонски востаници.
Питу Гули е роден во 1865 година во Крушево.
Во 1906 година кај Влашките колиби на планината Кожуф, во борба против андардите, загина Лука Иванов, македонски револуционер и војвода, учесник во Илинденското востание.
Како војвода дејствувал во Воденско, Костурско, Ениџеварско, Кичевско и во Крушевско.
Роден е во Панаѓуриште, денешна Бугарија, во 1880 година.
Во 1951 година кај селото Дорломбос на планината Беласица, со образложение на тогашната комунистичка власт дека сакаат да бегаат преку граница во Грција, убиени се пет струмички студенти, членови на ВМРО.
Убиени беа Мирко Пецев, Борис Белев, Стево Топчев, Ѓорѓи Јарамов и Ѓорѓи Костуранов.
Нивната вина била само тоа што биле патриоти и си ја сакале Македонија, некои од нив студирале во Загреб и биле популарни меѓу младите во Струмица.
На 13 август 2001 година во Скопје е потпишан Охридскиот рамковен договор, политички документ за решавање на кризата во Република Македонија. Документот го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски и четворицата партиски лидери – на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДПА, Арбен Џафери и на ПДП, Имер Имери.
На потпишувањето на документот присуствуваа и високи меѓународни претставници.
На денешен ден во 1995 година во Софија починал Симеон Гугуловски, македонски оперски уметник и солист на Операта при МНТ во Скопје и голем родољуб, кој меѓу другото испеал и повеќе македонски песни со родољубива тематика. Роден е во Солун во 1941 година.
(Подготвил: Д.Г.)