На 7 јуни 1877 година во прилепското село Ореовец е роден Петар Ацев, македонски револуционер, член и војвода на Македонската револуционерна организација. На Смилевскиот конгрес, тој бил еден од главните противници за кревање на востанието.
По завршувањето на Илинденското востание бил избран за нелегален член на окружниот комитет. Водел неколку борби со отомански сили и со четите на српската и грчката пропаганда во Македонија. Во 1907 година учествувал во битката на Ножот.
На Ќустендилскиот конгрес Петар Ацев бил избран за дополнителен член на ЦК. По Младотурската револуција излегол од илегала и се населил во Прилеп. Две години подоцна е уапсен и 15 месеци е носен низ разни затвори низ Македонија и Мала Азија. Бил ослободен во средината на 1911 година по што се населил во Пловдив, Бугарија.
Учествувал како доброволец во Балканските војни, а потоа и во Првата светска војна. Петар Ацев учествувал во Привременото претставништво на поранешната ВМРО, а подоцна е член на Илинденската организација.
Ранет е во текот на Горноџумајските случувања во септември 1924 година. Починал во Пловдив во 1939 година.
На денешен ден во 1928 година е убиен бил Александар Протогеров, политичар, генерал и раководител на Внатрешната македонска револуционерна организација. Учествувал како доброволец во Српско-бугарската војна. Бил член на Македонскиот комитет, војвода во Горноџумајското и Илинденското востание. Бил резервен член на Централниот комитет на ВМОРО, претседател на Извршниот комитет на Македонските добротворни братства во Бугарија.
Во Балканските војни бил член на Штабот на Македонско одринското ополчение, а во времето на бугарската окупација во Првата светска војна бил заменик началник на Македонската воено-инспекциска област и командант на Моравската воено-инспекциска област, произведен во генерал-лајтнант на бугарската армија.
По војната со Тодор Александров и Петар Чаулев ја основал ВМРО. Бил потписник на Мајскиот манифест. По расколот во ВМРО бил убиен во Софија од страна на Михајловистите.
А на денешен ден во 1945 година со решение на Министерството за народна просвета на Демократска Федеративна Македонија бил озаконет Правописот на македонскиот јазик, чиј дефинитивен текст бил усвоен пет дена порано. Утврдувањето и озаконувањето на Македонскиот правопис претставува израз на континуираната борба на македонскиот народ за свој литературен јазик и правопис, кој во понатамошните години се надградуваше.