На 24 април 1905 година во демирхисарското село Цер, кое денес административно припаѓа на кичевската општина, во борба против турскиот аскер загина охридскиот војвода Христо Узунов.
Откако се нашле во безизлез, војводата Узунов и 11 комити од неговата чета се самоубиле со последните куршуми. За херојската борба, по стивнувањето на пукотниците, аксерот против кого се бореле, над мртвите тела на јунаците истрелал почесен плотун.
Христо Узунов е еден од плејадата големи македонски револуционери, учител и војвода, роднина на Григор Прличев. Роден е во Охрид, на 22 февруари 1878 година.
– Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат ви испраќам братски поздрави. Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша.
Овие зборови се дел од писмото кое го напишал војводата Узунов, пред саможртвата што ја направил заедно со 11-мината соборци, на денешен ден пред 115 години во тогаш демирхисраското село Цер, кое сега административно припаѓа во Кичево.
Војводата Узунов бил водач на организационото дело во Охридско-струшкиот крај. Како учесник во Илинденското востание, по неговото задушување од страна на османлиските војски, тој останал во Македонија со цел да ја реорганизира македонската револуционерна дејност.
Неговото постилинденско револуционерно дејствување, главно било насочено кон организирање на борбата против туѓата пропаганда во Македонија и разрешување на идеолошките спротивставености и проблеми со кои се соочувала Македонската револуционерна организација.
Во 1905 година, во близина на селото Цер, Кичевско, Узунов и неговата чета од 11 соборци, биле предадени и по жесток отпор тие се саможртвувале за да не бидат живи заробени.
Клучни моменти за разврзувањето на овој настан се настаните што се случувале од 4 до 11 април 1905 година. Во истиот период во Крушевско се наоѓал османскиот жандармериски полк со заменикот командант, поручникот Изрет. Самиот Изрет известува дека од османскиот информатор добил податоци за четата. Иако името на османлискиот доушник останало непознато, тој го известил поручникот Изрет за движењето и бројноста на четата.
Другата верзија е дека војската не ги открила случајно комитите преку својот извидник, туку дека тоа тоа е предавство од самата организација, а во која главната вина се префрла врз Иван Алабакот и Петар Лигушев.
Во овој период од Бугарија со 18 четници ќе пристигне Иван Алабакот кој заедно со Петар Лигушев го преставувале, сарафистичкото крило во Битолскиот револуционерен округ, а Христо Узунов бил противник на истите.
Борбата во село Цер меѓу Узуновата чета и одредите од Крушево и Прибилци започнала утрината на 11 април по стар односно 24 април по нов стил. Четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во битката загинале Ванчо Србакот и комитата Наумче, четата се вратила во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која куќа била и погодна за борба. Борејќи се до претпоследниот куршум, Христо Узунов со своите другари последните куршуми ги истрелале во себе си, несакајќи живи да се предадат на османлиските власти.
Писмото на Христо Узунов
Браќа,
Допуштам да сме предадени, но верувам и дека е тоа случајно. Ванчо излезе и беше убиен уште во 10 и три четврти раното, а исто така и четникот Јонче од Дворци (Кичееско), кој беше со Пецо.
Мојата архива е распрсната низ целото село. Им ја доверив на три жени, кои не ги познавам. Ванчо исто така ја оставил архивата кај една жена, но не ја знам. Побарајте ја, ќе ја најдете.
Причината зошто не ризикуваме да удриме утринава беше во тоа што од 7 – 8 страни ни отворија оган, па мислејќи дека се мнозина, решивме да се бориме, макар и против поголеми сили, кои што ги очекуваме да дојдат.
Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат Ви испраќам братски поздрави на сите другари и пријатели.
Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша. Тоа се Охридски пари.
Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние коишто му служат, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од аномалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари. Да гледате колку што е можно побрзо да ги уништите оние досега раководни сили во Организацијата, кои му нанесле штета на делото, како што е Сарафов, а не да се накажуваат само прости работници.
Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата света Организација.
Досега намерно со ништо не сум му напакостил на Делото, а ако сте забележале во мене некои грешки, бидете уверени дека тие станале против мојата волја. Молам извинување.
Молам особено да ја поздравите мојата љубезна мајка, којашто никогаш не сум ја заборавил, бидејќи таа ме направи ваков. Нека ме извини и таа дека со ништо не се зарадувала од мене. Особено го поздравувам брат ми Ангеле. Го добив неговото последно писмо и останав задоволен. Да оди во истиот пат што ми го соопшти во писмото. Го советувам да не се одделува од мајка ми. Поздравете ги и роднините.
За последен пат ќе ви повторам. Бидете искрени и пазете основните закони на Орган.Устав.
Останувам со братски бакнежи.
Христо Узунов
(Подготвил: Д.Г.)