Македонски борачи бевне и до крај ка се бориме за македонскио народ, а не се бориме за Бугарија или за Србија и Грција, вели македонскиот војвода Блаже Крстев – Биринчето, кој на денешен ден, 31 мај 1911 година загинал кај манастирот „Св. Атанас“ кај демирхисраското село Журче во борба против турскиот аскер.

Биринчето е роден во 1873 година во крушевското село Бирино, според кое го носи и псевдонимот Биринчето.

Војводата Биринчето е македонски револуционер, учесник во Илинденското востание во кое се борел во четата на војводата Питу Гули. По Илинден влегол во четата на крушевскиот војвода Ѓурчин Наумов- Пљакот, а од есента 1904 година до неговата смрт дејствувал како крушевски војвода.

                                         (Четата на Блаже Биринчето)

Биринчето водел борби со четите на српската вооружена пропаганда и во едно писмо до нивни војвода пишува: „Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме“.

Биринчето се вклучил во ТМОРО и организира сопствена чета. На 2 август 1903 година, заедно со одделението на Иван Наумов Алабакот, учествува во освојувањето на турската касарна во Крушево. По освојувањето на градот, Биринчето учествува во одбраната на градот и под раководство на Питу Гули, четите одбиваат шест напади на Крушево.

Тој е еден од малкумината македонски војводи кој по Илинденското востание останува во Македонија, за да го заштити населението од зулумот на турскиот аскер и башибозукот. По распуштањето на четите и прогласената амнестија, тој се вратил во родното место. Меѓутоа, поради насилството кое го правел еден Турчин, тој го убил и повторно се оддал во илегално дејствување.

Во 1904 година Блаже Крстев – Биринчето се вклучува во четата на крушевскиот војвода Ѓурчин Наумов – Пљакот и е негов заменик. По доаѓањето на Дамјан Груев и Ѓорѓи Сугарев од Ресенско, четите се упатиле кон Поречието. На 23 септември 1904 година, во борбата со турскиот аскер кај село Сланско, во која загинал војводата Ѓурчин и секретарот на Сугарев, Блаже се истакнал со својата храброст.

По смртта на војводата Ѓурчин, Блаже Крстев – Биринчето се до 1911 година дејствувал како крушевски војвода. Шест години тој го обезбедувал овој реон, а само за два месеца, додека бил отсутен, бил заменет од војводата Петар Јуруков. Во овој период тој се борел против вооружените чети на српската пропаганда во Велешко.

Во 1905 година заедно со четите на Ѓорѓи Сугарев, Иван Наумов Алабакот, Стефан Димитров и Панчо Константинов во Пореч и Азот, воделе повеќе битки против српските вооружените чети предводени од Јован Бабунски и Глигор Соколов(иќ). Во едно писмо до војвода на чета на српската вооружена пропаганда, Биринчето пишува:

„Македонски борачи бевне и до крај ка се бориме за македонскио народ, а не се бориме за Бугарија или за Србија и Грција, тија сат слободни и си живеат меѓу ними и си пијат по ладните меани, имат прао да пијат оти побрго туриле крфта. Ни треба што сме от македонската земија, треба за Македонија да работиме оти македонските браќа гинат по патиштата и македонските сестри сет обесчестени от клетио Турчин, от мрсниот Турчин… Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме, тогај се види да на еден збор не сме можиле да се разбереме за да не се бијеме.”

Во 1907 година, Блаже Крстев – Биринчето, чиј секретар е Георги Ралев, дејствува со 20 комити. По Младотурската револуција во 1908 година, за кратко време почнува легален живот, но набргу се разочарува од Младотурците и ја продолжува борбата.

Во 1909 година, при обид да биде уапсен од 12 жандари, тој поведува борба и ги убива сите, по што се префрла во Бугарија. Меѓутоа, по препорака од Тодор Александров се враќа во Крушевско, каде го обиколува реонот. Во овој период, многу луѓе биле уапсени и мачени поради криење на Биринчето, а девет лица ќе бидат осудени од властите на затворски казни од 5 до 16 години.

Во 1911 година, при една обиколка на реонот, Биринчето тргнал кон манастирот кај Журче, каде била четата на Дончо Тодоров од Стара Загора, кој се потурчил за време на Младотурската револуција. Во борбата која се развила меѓу нив на 31 мај 1911 година кај манастирот Биринчето загинал. Телото прво му било пренесено во Крушево, а потоа во Битола каде бил фотографиран.

(Д. Г.)