На денешен ден пред 23 година (16 август 2001 г.) на пунктот кај стадионот во Тетово од терористички истрел од снајпер загина македонскиот бранител Сашко Соколов.
Кратко пред разделбата со мајка му тој и рекол: Мајко, сега не е време да се седи дома, сега треба да се брани Македонија.
Со љубов се определил и стапил во безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи. Мајка му се одушевувала гледајќи го својот син во униформата, а татко му, мирољубив и скромен човек пред секое заминување на должност го советувал и предупредувал својот син да биде внимателен и да се чува.
Во кризниот тетовски простор, недалеку од градскиот стадион на 16 август 2001 година беше погоден од снајпер испукан од терористички раце.
Соколов е роден на 25 февруари 1974 година во скопската населба Козле. Фамилијата на Сашо потекнува од село Покрајчево, Радовишко. Во безбедносните сили на MВР влегол откако завршил полициско училиште во Идризово. Имал единаесет години стаж, од кои најмногу како специјалец.
Кога започна војната во Македонија 2001 година, веднаш бил испратен на терен, прво во Куманово, а потоа и на други места.
Сашо веќе имал решение повторно да се врати во Тигрите и многу се радувал што ќе биде со своите пријатели и колеги во единицата за специјални задачи. Чекал само да му дојде смена во Тетово и од следниот ден веќе да биде со Тигрите.
Последниот ден кога бил дома, една недела пред да биде убиен, мајка му Лилјана му велела да чека да биде префрлен во Тигрите. Сашо и одговорил дека сега не е време за да се седи дома, треба да се брани Македонија.
Полицаецот Сашо Соколов, припадник на Посебната единица на МВР, загина во терористички напад на пунктот на силите за безбедност кај стадионот во Тетово. Околу 16:30 часот две лица со трактор минале крај пунктот и не застанале и покрај наредбата. Кога полицајците се обиделе да ги сопрат, тие извадиле оружје, а во истиот момент снајперист од објект во населбата Дреновец 1 го погодил Соколов. Албанските терористи отвориле оган од рачни фрлачи и од стрелачко оружје врз пунктот.
Соколов остана неоженет. Постхумно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Република Македонија.
Нека му е вечна слава!