На 11 Октомври 1941 година започнала борбата за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупетор, а денес се слави како Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ.
Востанието е дигнато против фашизмот и со тоа започнува вооружената борба за ослободување на Македонија, која не станала квислиншка територија, туку жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.
По фашистичката агресија од Германија и Бугарија и окупацијата на кралска Југославија во 1941 година, под чија окупација тогаш била Македонија, таа повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор.
И пред 11 октомври 1941 година имало вооружен отпор против окупаторот, како што се акциите на 8 септември таа година, кога Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, а во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски фашистички војник. Ден пред тоа, на 7 октомври во Скопје, е извршен обид за ликвидација на агентот Мане Мачков, во кој загинал Благоја Деспотовски – Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден полицаец на фашистичката окупаторска власт.
Сепак, за датум за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршил во Прилеп на 11 октомври 1941 година, во кој учествувале 16 партизани, во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
По изведените акции сите три групи, во текот на ноќта, се повлекле без губитоци на зборното место Средоточна вода додека во градот сѐ уште се слушале истрели.
Според обвинението на бугарскиот фашистички воен суд против учесниците на нападот на полициската станица групата се обучувала во близина на Марковите Кули. Напаѓачите располагале со дваесетина пушки, неколку бомби, 300-400 куршуми, леб и други намирници. Во обвинението се вели дека во текот на нападот со три куршуми бил убиен стражарот Петар Дамев Колев во текот на извршување на стражарската должност. Стражарот Стојан Иванов Георгиев бил ранет во левата нога и во градниот кош пред полициската станица. Како резултат на отпорот кој бил даден, се вели во обвинението, напѓачите фрлиле рачна бомба која експлодирала, но не повредила никого.
Вооружени дејствија имало и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред бил разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот на 17 октомври.
Скопскиот партизански одред, формиран уште во август, не учествувал во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување и разгорување на борбата против окупаторот.
Во чест на 11 Октомври како датум на почнување на востанието во Македонија, во Прилеп секоја година спроти празникот се одржува импровизиран напад на градот, како потсетување на историските настани на тој ден во 1941 година.
По повод празникот 11 Октомври во Република Македонија традиционално се доделуваат наградите „11. Октомври“ за животно дело. Со оваа државна награда се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата, но може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.
Ова се однесува за вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор во денешна Република Македонија. Но, вооружен отпор и дејства против фашизмот и фашистичкиот окупатор имало и во Пиринска и во Егејска Македонија.
(Подготвил: Д.Г.)