Денеска се одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна.
На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и 50. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од германската, бугарската и италијанската фашистичка окупација.
По неколкудневните тешки борби со припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“, која беше распоредена пред Качаничката Клисура, борците со победоносен марш влегуваат во градот на чело со народниот херој Методија Андонов Ченто.
Ослободување на Скопје била сложена операција бидејќи успешноста зависела од борбите на партизаните во другите градови од Македонија. Целта била 50 дивизија од Штип и 42 дивизија која била на Сува Гора да се спојат пред Скопје за да го нападнат окупаторот во Скопје.
50 дивизија задоцнила еден ден од договореното време за спојување поради силниот отпор кој го дале Германците во штипскиот регион.
Бугарската дивизија воопшто не учествувала како што било договорено и планирано со германските сили. Се позиционирале околу Злетовска Река, без да учествуваат во битките во Штип и околината. Ова се должи поради фактот дека 2 месеци претходно бугарската фашистичка влада капитулира и бугарската војска е деморализирана и нема цел да води борби.
Скопје било ослободено со пешадија и улични борби, без употреба на артилерија. Во борбите за Скопје заробени биле голем број Германци и запленето нивното вооружување.
Во реонот на Матка била извојувана голема победа против германските фашисти и нивните помагачи балистите. Германските инженери пред да се повлечат имале намера да ја минираат браната на хидроцентралата и да го поплават Скопје.