Општина Битола со празнични манифестации денеска го слави 4 ноември, Денот на ослободувањето на градот во 1944 година.
На денешен ден 4 ноември 1944, Битола е ослободена од бугарскиот, германскиот и италијанскиот фашизам.
Главните борби против фашистичките сили во реонот на Битола ги воделе македонските борци од 49-тата дивизија на НОВ и ПО на Македонија, во чиј состав биле Седмата македонска (битолска) бригада, Битолско-Преспанскиот партизански одред и Леринско – Костурската македонска бригада.
Утрото на 4-ти ноември 1944, македонските партизани победоносно влегле во Битола каде потоа со воодушевување биле пречекани и поздравени од граѓаните. Во борбата против фашизмот, 266 македонски партизани од Битола и битолско ги дадоа своите животи за ослободувањето на Македонија.
Според востановената традиција, претпладнево делегација на Општина Битола и гости од државата и странство ќе положат цвеќе пред споменикот на НОВ и револуцијата што се наоѓа на плоштадот „Гоце Делчев“.
Фотографии: Од ослободувањето на Битола
(Подготви: Д. Г.)