На 31 август 1924 година кај селото Лопово, на Пирин Планина, е убиен Тодор Александров.
За убиството и нарачателот во историската наука постојат повеќе верзии. Тој бил македонски политички лидер и еден од водачите на ВМРО. Во 1898 година се приклучил во ТМОРО.
Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на штипскиот војвода Мише Развигоров и на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев – Кочански, окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ, член на ЦК на ВМОРО, член во Штабот на III македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија во Првата светска војна.
По војната, заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил оружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија. Дејствувал против политиката на земјоделската влада на Александар Стамболиски за зближување со Кралството на СХС.
Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили (1924), но пред убиството јавно се откажал од својот потпис.
Роден е во Ново Село, Штипско на 4 март 1881 година.
Други настани од историјата на Македонија
На 31 август 1944 година, албанските балисти го нападнале селото Блаце, Тетовско, и во мугрите на слободата уште еднаш ги покажале своите злодела преку палење, пљачкосување и убивање на невини жители.
Со палежот на селото до темели биле изгорени 13 куќи и ѕверски убиени 12 родољуби.
На 31 август 2014 година во 90-та година од животот, во Скопје починала актерката Вера Вучкова – Жежељ, една од членките на иницијалниот ансамбл на МНТ кој на 3 април 1945 ја одиграл својата прва претстава „Платон Кречет“. Во таа историска претстава, Вучкова ја изговори митската реплика „Сонцето! Колку е блиску сонцето!“
Со Милчин и Стојанов, Вучкова исполнила на уште една историска театарска мисија: во јуни 1947, учествувала во основањето на Областен македонски народен театар во Горна Џумаја/Благоевград. Играла носечки ролји во сите пет претстави што овој театар ги изиграл во својата единствена сезона 1947-1948. Кариерата ја продолжила во Бугарија, каде како првенка на театрите во Благоевград, Димитровград и Бургас, играла полни 16 години.
Во 1964 се вратила во Македонија, во ансамблот на МНТ, со кој настапувала и по пензионирањето во 1982-та. Во 2005 година, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ на Вера Вучкова – Жежељ и додела награда за животно дело.