При пробивањето на блокадата на бугарската окупаторска полиција, на 25 февруари 1944 во Скопје е убиен Кузман Јосифовски – Питу, народен херој на Македонија.
Денес кога се прават обиди историската вистина да се прилагоди на актуелната политика, и да се испишува нова „политичка историја“, од бугарска страна се бара перидот во кој водел борба и е загинат и Питу, во учебниците да не биде окупација, туку „администрирање од страна на Бугарија во Македонија“.
Сепак, според историската вистина, откако на Питу му било сигнализирано дека е на мета на бугарските окупаторски власти, при обидот да го напушти Скопје, во Козле во близина на сега веќе некогашната фабрика „Алумина“ бил убиен од бугарски војник. Таму денес има спомен-плоча на македонскиот херој К.Ј. Питу.
Некои извори тврдат дека постоела телеграма од Светозар Вукмановиќ – Темпо до Тито, во која тој барал Питу по секоја цена да се тргне од АСНОМ. Тоа негово барање било засилено особено по Преспанското советување одржано на 2 август 1943 година, на кое Питу се залагал за формирање на македонски партизански одреди и во останатите делови на етничка Македонија и нивна заедничка борба со Македонците од Вардарска Македонија, за целосно ослободување и обединување на Македонија.
Питу е еден од најславните борци на НОБ во Македонија, нејзин организатор, организатор на свикувањето на Првото заседание на АСНОМ, автор на неговите државотворни документи и народен херој.
Роден е во Прилеп 1915 година, се школувал во Прилеп и Битола, потоа студирал право на Белградскиот универзитет, каде имал видно место во студенското движење и активно работел на формирањето на македонското студентско друштво „Вардар“, а бил член и на МАНАПО.
Во едно негово обраќање до народот Питу вели:
„Легендите што ми ги раскажуваше баба ми Заха, за Марко Крале, па за дедо Иљо војводата, и за Крушевската Република за мене беа фантастичен партиски извор. Без тој македонски патриотизам, прашање е дали јас можев да бидам комунист. И не само јас, туку скоро секој Македонец кој станал комунист. Зошто ние Македонците сме напредни како македонски патриоти, оти сме гоцевисти, санданисти и ѓорчевисти…“
Тој бил еден од организаторите на повеќе демонстрации во Прилеп. Еден од најистакнатите организатори на вооруженото востание на македонскиот народ (1941-1944). Со својата активност дејствувал во Битола и Западна Македонија. Во март 1942 го формира Окружниот комитет за Западна Македонија и станува негов секретар. Во март 1943 е избран за член на првиот ЦК на КПМ и за член за Главниот штаб на НОВ и ПОМ.
На 2 август 1943 на историското Преспанско советување, кое одиграло значајна улога во понатамошната национална борба на македонскиот народ Питу поднел реферат посветен на 40- годишнината од Илинденското востание. Меѓу другото во него нагласил:
„Денес, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да свети пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја…”
Со тоа Питу јасно го истакнувал континуитетот на македонската национално ослободителна борба. Се залагал за создавање на целосно единство на сите општествени класи и слоеви, единство на сите стари (Илинденци) и нови борци, за слобода на Македонија.
Питу бил упорен борец за создавање на самостојна македонска држава, а илегално често пати престојувал во западните делови на Македонија, тогаш окупирани од Италија. За време на бугарската окупација на Македонија живеел илегално во скопската населба Буњаковец.
Денес во центарот на неговиот роден град Прилеп кај Музејот на 11 Октомври (поранешниот бугарски участок), има мермерен споменик, како и споменик и други спомен-обележја во Скопје. Неговото име го носат повеќе училишта во Македонија, улици и булевари, како и еден од студентските домови во Скопје.
Поради неуморната борба Кузман Јосифоски Питу бил нарекуван Гоце Делчев на НОБ (вториот Гоце).
(Подготвил: Д.Г.)