На денешен ден, пред 102 години во прилепското село Небрегово, е роден академик Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување дало огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ.
Блаже Конески бил прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав.
Неговото прво дело, поемата „Мостот“, ја објавил непосредно по војната во 1945 година, а потоа следуваат „Земја и љубовта“, „Песни“, „Везилка“, „Лозје“, „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Светото на песната и легендата“ и други.
Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на „Граматика на македонскиот јазик“, „Историја на македонскиот јазик“, „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија“. Во македонската современа општествена стварност, во смисла на одбрана на македонската држава и македонскиот јазик, како темели на македонскиот национален и историски идентитет е позната неговата максима: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Покрај другите награди, добитник е на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1981 година.
Од 4 јуни 1997 година Филолошкиот факултет во Скопје го носи неговото име.
Блаже Конески почина на 7 декември 1993 година.
(Подготви: Д. Г.)