Македонците денеска одбележуваат 152 години од раѓањето на великанот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, кој ослободувањето на Македонија го гледал само од самите Македонци:
„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите“, гласи една од пораките на великанот.
Идеологот на македонската револуционерна борба за самостојна Македонија е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во Егејскиот дел на Македонија, син на Султана и Никола Делчеви.
Тој бил визионер, кој пред повеќе од еден век го разбра светот „како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Делчев се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на ЦК на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Гоцевата визија за светот како поле за културен натпревар меѓу народите не е само негова лична импресија, туку експресија на генетскиот код на македонската цивилизација како цивилизација на мирот и љубовта наспроти омразата и војната, на толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата.
Делчев учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Убиен е на 4 мај 1903 година во селото Баница во екот на подготовките за Илинденското востание. Неговите мошти почиваат во Скопје, во црквата Свети Спас. Тоа бил и негов завет, гробот да му биде во главниот град на слободна Македонија.
Тој бил против прераното започнување на востанието.
Годинава, по шести пат, Македонците ќе го одбележат роденденот на Делчев со придавката „северна“ пред името на Македонија, за која апостолот се жртвувал. Исто така, и натаму траат политичките пазарења на историчари блиски до власта, како и политичари, за тоа колку Македонецот Гоце Делчев бил Македонец и колку проценти треба да припаѓа на бугарската историја.
(Подготвил: Д. Г.)