Земјава и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред петнаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Како и во изминатите години, дванаесет учесници го трчаат 15-тиот ултра маратон во чест на Тоше Проески. Маратонот почна завчера од Нова Градишка, пред неговото спомен обележје, а денеска, на годишнината од неговото загинување, ќе пристигнат во Крушево. Се очекува маратонците да пристигнат околу пладне во Крушево.
Маратоците ќе бидат печекани во Крушево, веќе традиционално, со црвени рози, и на Гумење, на вечното почивалиште на Тоше, ќе му оддадат почит на големиот музичар и хуманитарец, познатата македонска и балканска музичка ѕвезда која ги привлекува во Крушево фановите и почитувачите на неговото дело и 15 години од неговото загинување.
Годинава, на 5 октомври, под наслов „Од срце за Тоше“, 12 музичари, заедно со камерниот оркестар од Битола и бендот на Тоше, на концертот на платото на Гумење пред спомен куќата на Тоше, ги изведоа песните што ги пееше Проески. Пред бројната публика, песните на Тоше ги изведоа Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Каролина Гочева, Дани Димитровска, Бени Шаќири, Ѓоко Танески, Мартинијан Кириловски, Јоце Панов, Омар Џафероски, како и солистите на МОБ Билјана Јосифов и Влатко Груески.
Концертот „Од срце за Тоше“ е поддржан од Министерството за култура и од повеќе стопански субјекти од Крушево. Посетителите ја посетија спомен куќата на Гумење која ги чува спомените на Тоше Проески.
Од отворањето во 2011 година, Спомен-куќата на Тоше, имала повеќе од 650.000 посетители од кои, според раководството, една третина се од странство, пред сè од балканските земји.
Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.