Пред 65 години на 21 мај 1956 година Американците ја фрлија првата хидрогенска бомба во Тихиот Океан.
Оваа разорна „играчка“, која на почетокот беше привилегија на најмоќните земји, подоцна стигна и во вооружувањето на земји кои не се супер сили, но и денес тоа е причина или повод за закани, санкции, преговори… Актуелни во последниве неколку години се Иран и Северна Кореја. Патем, хидрогенската бомба е најразорното оружје на светот, далеку многу помоќно, во разорната моќ, од атомската.
Термонуклеарната или хидрогенска бомба, е развиена по употребата на атомската бомба од САД во Јапонија во Втората светска војна. Првата хидрогенска бомба, која Американците ја тестирале во 1952 година, произвела енергија како 10 мегатони ТНТ, околу 1.000 пати повеќе од атомската бомба фрлена на Хирошима.
Во конвенционалното нуклеарно оружје се користи фисијата, раздвојување на јадрата на атомите, што резултира со помалку силна експлозија.
Набргу по Американците, односно само по една година, и Русите односно тогашниот СССР ја тестирал својата хидрогенска бомба, со што почнала трката во вооружување со супербомби.
Најсилната хидрогенска бомба што било кога е тестирана е советската „Цар-бомба“ во 1961 година.
Северна Кореја досега спровела неколку нуклеарни тестови во подземни комори и балистички ракетни тестови на небото. Спроведувањето на тест со хидрогенска бомба во океанот може да значи ставање нуклеарна боева глава на врвот на балистичките проектили и нивно лансирање кон морето.
Хидрогенските бомби се многу помоќни од атомските бомби, способни за производство на многу поголема експлозивна енергија. Ако хидрогенска бомба го погоди Тихиот Океан, таа ќе активира заслепувачки блиц и ќе создаде облак-печурка. Ефектите што веднаш ќе се почувствуваат најмногу зависат од висината на детонацијата над водата. Првичната експлозија би можела да го уништи животот онаму каде што ќе удри. Кога Америка во 1945 година фрли атомска бомба врз Хирошима, загина целото население во радиус од 500 метри.
Експлозијата ќе испрати радиоактивни честички што ќе летаат низ воздухот и водата. Ветерот може да ги однесе опасните честички стотици километри подалеку.
Чадот од местото на експлозијата би можел да ја блокира сончевата светлина и да им пречи на сите форми на живот во морето што зависат од фотосинтеза за да преживеат. Изложеноста на зрачење може да предизвика сериозни здравствени проблеми за морскиот свет во близина. Познато е дека радиоактивноста ги оштетува клетките кај луѓето, животните и растенијата, предизвикувајќи промени во нивните гени. Промените може да доведат до оштетувачки мутации кај идните генерации. Јајцата и ларвите на морските организми се особено чувствителни на зрачење, велат експертите. Зафатените животни може да ја пренесат изложеноста во синџирот на исхрана.
Тестот би имал штетни и долготрајни ефекти врз луѓето и врз животните ако радиоактивните последици стигнат до земјата. Честичките можат да ги загадат воздухот, почвата и водата.
Повеќе од 60 години откако Америка тестирала серија атомски бомби во близина на Бикини Атол, близу Маршалските Острови, островот останува непогоден за живот, според извештајот на Гардијан од 2014 година. Жителите се преселиле пред да биде направено тестирање. Тестирањето спроведено во 70-тите години од минатиот век откри високи нивоа на радијација во храната што се одгледувала во близина на местото за нуклеарно тестирање, така што жителите биле принудени да заминат повторно.
Повеќе од 2.000 нуклеарни тестови, од различни земји, во подземни комори, над земја и под вода, биле спроведени помеѓу 1945 и 1996 година, според Организацијата за сеопфатна нуклеарна контрола, која била создадена кога стапил во сила договорот од 1996 година за забрана на сите нуклеарни тестови. Во Тихиот Океан, во 1962 година, Америка тестирала проектили со нуклеарно оружје. Последниот подземен тест од која било нуклеарна сила бил спроведен во Кина во 1980 година.
(Подготвил: Д.Г.)