На денешен ден во 1902 година е загинат Методи Патчев, македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација.
Откако на селскиот празник, Благоец, дошол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Нерамноправната јуначка борба траела се до моментот кога на четниците им снемало муниција.
На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат и Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство.
Други настани на денешен ден од Македонија
1884.- Во селото Селци, Дебарско, е роден Арсениј Јовков, македонски револуционер и публицист. Учествувал во Илинденското востание во 1903 година и напишал поема за него. Како емигрант во Бугарија го редактирал весникот „Илинден“ и објавил голем број статии во него. Тој бил првиот македонски филмски сценарист, според чие сценарио во 1923 година е снимен документарниот филм „Македонија на филм“. На ѕверски начин бил убиен од агентите на Ванчо Михајлов во крвавите горноџумајски настани, на 14 септември 1924 година.
1873.- Во селото Осој, Дебарско, е роден Нестор Алексиев Мирчевски, последен од големата тајфа македонски резбари. Зад себе оставил големо дело кое може да се сретне во резбарските иконостаси во Македонија и во други балкански земји. Во 1939 година ја освоил првата награда на Светската изложба на уметничкото занаетчиство во Берлин. Умрел во Скопје, на 17 јули 1969 година.
1881.- Во Наѓсентмиклош е роден Бела Барток, унгарски композитор, етномузиколог и пијанист. Развил оригинален музички стил проткаен со карактеристични елементи од унгарската народна музика. Најпознати негови дела се операта „Дворецот на модробрадестиот“, како и балетите „Дрвениот принц“ и „Чудесниот мандарин“, симфониската поема „Кошут“ и други. Умре во Њујорк, на 26 септември 1945 година.
1911.- Во селото Долнени, Прилепско, роден е г.г. Ангелариј (Цветко Крстески), поглавар на Македонската православна црква, архиепископ охридски и македонски. Загинал во сообраќајна несреќа, на патот Прилеп – Велес, во Дреновската Клисура, на 15 јуни 1986 година.
1991.- Советот на Струшките вечери на поезијата за добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 1991 година го прогласил Јосиф Бродски, поет – (дисидент), Нобеловец, советски писател кој живееше во САД.
2014.- На 89-годишна возраст во Скопје починала актерката Мери Бошкова, една од доајенките на македонското актерство. Бошкова ќе остане запаметена по насловната улога во првиот македонски долгометражен филм „Фросина“ (1952), како и во првата македонска филмска комедија „Мирно Лето“ (1961), како и по редица насловни ролји во претстави во МНТ. Освен во театарот, Бошкова била активна и во радио-драмата, тв-драмите, како и на филмот. Нејзината последна улога беше во филмот на Димитрие Османли, „Ангели на отпад“. Добитничка е на бројни високи награди меѓу кои „11 Октомври“, Награда за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“, Стериина награда за најдобро актерско остварување, Награда на град Скопје 13 Ноември (1984), Награда за животно дело на МТФ Војдан Чернодрински (Прилеп, 1989), Награда на ревијата „Екран“ за најдобро остварување на филм. Мери Бошкова била родена во Битола, на 2 мај 1924 година.
Настани од светот
1611.- Роден е Евлија Челебија, турски патописец. Од 1630 година, речиси без прекин патувал по Османлиското царство и надвор од него учествувајќи во воени походи. Водејќи воени белешки, низ разговори со стари луѓе за обичаите и настаните, копајќи по старите архиви, напишал патопис во 10 тома и оставил скапоцени сведоштва за балканските народи и простори. Пропатувал и низ голем дел од Македонија, при што оставил скапоцени сведоштва за македонските градови, со богат историски и етнографски материјал. Умрел во 1682 година.
1634.- Британските колонисти на чело со лордот Балтимор стигнале до Мериленд во Северна Америка.
1807.- Во Англија била забранета трговијата со робови.
1812.- Роден е Александар Иванович Херцен, руски научник, револуционер, демократ, филозоф и писател. Поради спротивставување на феудалниот поредок и настојувањето да ја прошири просветата, морал да избега од земјата и долго живеел во емиграција во Лондон и во Париз. Во Лондон Херцен ја формирал руската печатница и издавал публикации кои одиграле важна улога во развитокот на руското револуционерно движење. Умрел во 1870 година.
1821.- Грците на Пелопонез започнале востание против Турција кое завршило по 12 години со признавање на независноста на Грција.
1860.- На традиционалниот конкурс за поема, што се одржал во Атина, македонскиот писател Григор Прличев добил „Ловоров венец“ за поемата „Сердарот“.
1867.- Во Парма е роден Артуро Тосканини, италијански оперски и симфониски диригент, еден од најпознатите диригенти на сите времиња. Умрел во Њујорк, на 16 јануари 1957 година.
1908.- Роден е англискиот филмски режисер Дејвид Лин, автор на спектакуларни и извонредно технички изработени филови. Филмови: „Кратка средба“, „Големото исчекување“, „Оливер Твист“, „Мадлена“, „Хобсонов избор“, „Мостот на реката Квај“ (Оскар), „Лоренс од Арабија“ (Оскар), „Доктор Живаго“ (Оскар), „Рајановата ќерка“, „Патот во Индија“.
1914.- Умрел францускиот писател и филолог Фредерик Мистрал, добитник на Нобеловата награда за литература во 1904 година. Фредерик Мистрал пишувал лирски песни, епови и драми. Дела: епопеите „Мирејо“, „Календо“.
1918.- Умрел францускиот композитор Клод Асил Дебиси, творец на музичкиот импресионизам и втемелувач на модерната музика. Дела: клавирски „Арабеска“, „Бергамска свита“, „Детско катче“, „Естампе“, „Слики“, оркестарски – „Ноктурно“, „Море“, вокални – „Пет Бодлерови песни“, „Заборавената ариета“, „Галантни свечености“, опера – „Пелеас и Мелисанда“.
1921.- Во Висбаден е родена Симон Сињоре, француска филмска актерка. Умрела во Париз, на 30 октомври 1985 година.
1924.- Со симнувањето на кралот Ѓорѓе Втори Грција станала република, бидејќи економската криза и очајната положба на стотината илјади бегалци од Турција предизвикале револуционерен бран кој ја урнал непопуларната монархија.
1936.- САД, Велика Британија и Франција ја потпишале Лондонската конвенција за слободна пловидба на отворено море.
1949.- Филмот „Хамлет“ на Лоренс Оливие добил пет Оскари. Тоа бил првиот британски филм што го добил ова највисоко признание во областа на филмот.
1957.- Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Франција и Холандија ги потпишале Римските договори за создавање Заеднички пазар. Организацијата го добила името Европска економска заедница, потоа Европска заедница, а сега Европска унија.
1975.- Кралот на Саудиска Арабија Фејсал го убил принцот Фејсал Мусаид. Тој бил прогласен за непресметлив. Во Ријад, во јуни 1975 година јавно му била пресечена главата. Нов крал станал Фејсаловиот брат Халид Ибн Абдул Азиз.
1997.- Австралискиот сенат го укинал законот за еутаназија, единствен закон во светот според кој било дозволено (само)убиство на пациентите кои боледуваат од неизлечливи болести со помош на медицинскиот персонал.
2002.- Афроамериканката Хали Бери го добила Оскарот за главна улога во филот „Балот на монструмите“. Таа е првата негарка која ја добила оваа награда.
2004.- Претседателот на Либија Моамер ел Гадафи во бедуинскиот шатор го примил премиерот на Велика Британија Тони Блер. Блер бил првиот британски премиер кој бил во официјална посета на Либија по посетата на Винстон Черчил во 1943 година.
2018.- На 94-годишна возраст почина Лис Асија, победничка на првата Евровизија во 1956 година. Родена е на северот од Швајцарија, кариерата ја започна како танчерка, а подоцна се посвети на пеењето. Асија ќе биде запаметена дека во 1956 година ја претставуваше Швајцарија со песната „Refrain“. Својата земја ја претставуваше повторно на Евровизија во 2012 година со песната „C’etait Ma Vie“ кога го освои осмото место. Последните години ги посетуваше градовите домаќини на Евровизија.
2018.- Авионот на авиокомпанијата „Квантас“, што полета од западниот австралиски град Перт, по повеќе од 17 часа слета на лондонскиот аеродром Хитроу, со што го изведе првиот директен лет од Австралија до Европа. Авионот од типот „Боинг 787-8 Дримлајнер“ со 200 патници и 16 членови на екипажот, на летот од Перт до Лондон мина вкупно 14.498 километри. „Боингот“ беше специјално прилагоден за овој лет со обезбедување дополнителен слободен простор и намалување на бројот на седиштата од 265 на 236. Првиот лет на „Квантас“ на релација од Австралија до Велика Британија бил реализиран во декември 1947 година. Авионот тогаш летал од Сиднеј до Лондон со седум попатни слетувања и летот траел вкупно четири дена. „Квантас“ планира од 2022 година да воведе и директен лет од Сиднеј до Лондон.