На денешен ден во 1908 година во Солун, во кафеаната „Бошњак-ан“, платени терористи-врховисти извршија неуспешен атентат врз големиот македонски револуционер Јане Сандански кој беше повреден.

При атентатот две лица од придружбата на Сандански беа смртно погодени.

Во продолжение текст објавен на ФБ страницата „Јане Сандански“, која објавува текстови од историјата на Македонија, во која подетално се разработува овој настан од македонската историја.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ КОИ ДОВЕЛЕ ДО РАСКОЛОТ ВО МРО (подоцна ВМРО) и ДО АТЕНТАТОТ ВРЗ САНДАНСКИ?

Во периодот по аферата Мис Стон (1901 год.) почнуваат и обидите на Бугарија да ја стави под своја контрола Македонската Револуционерна Организација (МРО подоцна позната како ВМРО).

За жал, на страната на Бугарите подоцна застанува и еден Македонец – Борис Сарафов (роден во с. Либјахово, Пиринска Македонија), човек кој секогаш се декларирал како Македонец, но неговиот превртлив карактер и желбата да дојде на чело на ВМРО направиле подоцна да стане десна рака на Бугаринот Иван Гарванов и слепо орудие во рацете на Бугарија.

Сарафов од 1899 до 1901 год. бил на чело на ВМК (Врховниот македонски комитет) во Софија, кој бил формиран од Македонци кои биле офицери во бугарската армија, и кој имал за задача да му помага на Централниот комитет на ВМРО во Македонија снабдувајќи го со оружје, муниција и инструктори за обука на комитските чети.

На почетокот Врховниот комитет бил на македонски позиции и со промакедонски ставови. Сарафов во тој период многу добро соработувал со Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

Откако бугарската власт ќе го уапси Сарафов во 1901 год. (затоа што нарачал убиство на еден романски новинар кој пишувал против ВМРО), бугарскиот двор го искористува тој момент, и на чело на Врховниот комитет во Софија доаѓа бугарскиот генерал Иван Цончев.

Цончев набргу влегува во конфликт со Гоце Делчев и Ѓорче Петров затоа што сакал да ја стави ВМРО под бугарска контрола.

По излегувањето од затвор, Сарафов се договара со Делчев и Петров да замине во Европа и од таму да обезбедува и да праќа пари за Организацијата.

Сарафов бил харизматичен и привлечен човек и тоа го користел да запознае богати жени на своите патувања низ Европа. Покрај тоа стапувал во контакт и со луѓе кои се финансиски моќни и запознавајќи ги со македонското револуционерно дело, праќал пари за Организацијата.

Проблемите настануваат по враќањето на Сарафов во 1903 година.

Бугарите Цончев и Гарванов веќе на големо почнале да ја спроведуваат агендата на бугарскиот двор, и почнале да заговараат востание во Македонија, и агитирале дека штом Македонците ќе се дигнат, на помош ќе дојде Бугарија.

Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Владислав Ковачев и другите Македонци биле категорично против мешањето на Бугарија и против востание, затоа што сметале дека организацијата нема доволно оружје и народот не е подготвен за востание.

Сарафов наместо да ги поддржи Делчев, Петров и Сандански, застанува на страната на Гарванов и Цончев.

Врховистите започнуваат да уфрлаат чети од Бугарија во Македонија, при што доаѓаат во судир со четите на војводите од Серскиот округ – Јане Сандански и Сава Михајлов – Савата.

Серскиот револуционерен округ под раководство на Сандански ги опфаќал цела Пиринска Македонија, заедно со западниот дел од Егејска Македонија (Драмскиот и Серскиот регион).

Сарафов се свртува против својот народ – Македонците.

САНДАНСКИ И НЕГОВАТА БОРБА ПРОТИВ ВРХОВИСТИТЕ

Во 1905 година во Рилскиот манастир, во Пиринскиот дел Македонија, бил одржан РИЛСКИОТ КОНГРЕС НА ВМРО.

Поради претходното делување на Сарафов од 1903 до 1905, на Рилскиот конгрес станува видлива поделбата на две крила во Организацијата и имало големи несогласувања.

Но на конгресот побројни биле промакедонските сили кои успеале привремено да застанат на патот на пропагандите и надворешните влијанија и бил направен обид засекогаш да се стави крај на врховистите, кој подоцна ќе се покаже како неуспешен, затоа што врховистите продреле во самата Организација и го продолжиле своето делување.

За да дојде до помирување на двете страни, било одлучено на Сарафов да му биде простено за дејствувањето во последните две години, што се покажало како голема грешка.

На Конгресот било постигнато единство кое траело кратко, бидејќи вториот општ конгрес кој бил закажан како продолжение за целосно да се помират двете страни, никогаш не се одржал.

По убиството на Гоце Делчев во Баница 1903, во наредните три години, до 1906, загинуваат скоро сите истакнати војводи на ВМРО – Питу Гули, Никола Карев, Јордан Силјанов – Пиперката, Методија Патчев, Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев, Даме Груев, Славејко Арсов, Сава Михајлов, Леонид Јанков, Александар Турунџе, Лазар Поп Трајков и многу други.

ВМРО е десеткувана и обезглавена.

Јане Сандански останува последна брана пред наездата на бугарската пропаганда и влезот на врховистичките чети во Македонија.

Неговите привразници Санданистите од Серскиот револуционерен округ на чие чело бил тој, воделе постојани борби со врховистичките чети кои биле уфрлaни од Бугарија а биле предводени од врховистичките војводи Јурдан Стојанов и Дончо Златков.

На почетокот на април 1905, бугарскиот капетан Јурдан Стојанов влегува со чета од Бугарија во Пиринска Македонија. Намерата како што изјавувал му била: “Или главата на Сандански, или мојата глава ќе падне“.

Кај селото Кашина – Мелничко, четата на Сандански ја разбила бугарската чета на Стојанов. 7 бугарски четници биле убиени, 43 заробени а капетан Стојанов бил ранет и едвај успеал да побегне назад во Бугарија.

По овој настан во Софија се кренала невидена хистерија и хајка против Сандански. Бугарските весници со сите сили се труделе да го оцрнат “борецот за македонската независност“.

Но Сандански за Македонците во Пиринско станува поим за беспрекорен револуционер и храбар војвода, и од нив ќе биде наречен Пирински цар.

Тој во нивните очи станува човек со огромен морал, чесност, патриотизам и верност кон својот народ.

Не само што не дозволувал Турците и Бугарите да прават зулуми над Македонците, туку ги казнувал и членовите на ВМРО кои се одметнувале, го пљачкале народот и вршеле разни злосторства врз него.

Освен со Бугарите, Сандански морал да се справува и со заблудените глави, каков што бил Сарафов.

Превртливиот Сарафов набргу станува трн во окото на Македонците кои останале доследни на идеалите на ВМРО.

Тоа најдобро е опишано во претсмртното писмо на војводата Христо Узунов од 1905та.

Опколен заедно со својата чета од Турците кај селото Цер, Узунов остава едно писмо кое останува завет за оние кои ќе ја продолжат борбата.

Во писмото меѓудругото ќе напише:

“…Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото, зошто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација, и пак тие ќе ја спасат од аномалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари. Да гледате колку што е можно побрзо да ги уништите оние раководни сили во организацијата кои му нанесле само штета на делото, како што е Сарафов…“

Сарафов неможејќи да влијае во југоисточна Македонија каде што било силно влијанието на Сандански, пропагандата ја насочил во Битолскиот револуционерен округ каде успеал да придобие неколку раководители.

Сарафов не пробирал какви луѓе ќе земе под своја команда.

За разлика од Сандански кој секогаш одбирал сигурни, чесни и поверливи луѓе, Сарафов врбувал и неморални лица, зулумџии, луѓе истерани од ВМРО заради грабежи и насилства врз населението.

Се обидувал на секаков начин да собере луѓе во Македонија со кои ќе му се спротистави на Сандански.Сандански многу добро ја оценил опасноста од расколот во ВМРО. Во една окружница од 1905, потпишана од него и испратена до околиските раководства во Серскиот округ, Сандански пишува:

“ Јасна е каква опасност претставува за самостојноста на Организацијата таа нова струја во неа. Додека врховизмот играше со отворени карти, Сарафов се служи со најподмолни средства и на секој начин се труди да не биде сфатен како одделна струја во ослободителното дело…Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во самата себе. Нејзината слобода не ќе биде подарок, туку крвав откуп, платен со илјадници жртви какви што ние дававме и продолжуваме да даваме…“

САНДАНСКИ СЕ ПРЕСМЕТУВА СО ВРХОВИСТИТЕ

Јане Сандански сосем случајно открива дека врховистите подготвуваат негова ликвидација. Во Септември 1907, Тодор Паница (еден од најблиските луѓе на Сандански) бил повикан на гости кај својот кум Михаил Даев.

Михаил Даев бил војвода во Драмско и близок човек на Сарафов. Тој бил опоменат од Серскиот округ за неактивност и добива укор.

Сарафов и Гарванов сакајќи да ја тргнат последната пречка за продор на врховизмот во Македонија, му го ветуваат на Даев местото на Сандански на чело на Серскиот округ доколку го убие.

Даев го повикува Тодор Паница кој бил десна рака на Сандански, и решава да му каже дека се договорил со Гарванов да го ликвидираат Сандански. Притоа бара согласност од Паница. Паница не верувајќи во она што го слуша му дава согласност.

Даев решава да прати едно писмо до Гарванов во кое пишувал за убиството на Сандански. Мислејќи дека Паница е на негова страна, му го дава писмото.

Иако Даев му бил кум, Тодор Паница наместо на Гарванов, писмото му го предава на Јане Сандански.

На 10 Октомври 1907, Окружниот комитет на Серскиот револуционерен округ на чело со Јане Сандански, свикува состанок на кој ги осудува на смрт Иван Гарванов, Борис Сарафов и Михаил Даев.

На 30 Октомври 1907, Санданистите влегуваат во домот на предавникот Михаил Даев. Откако писмено ја образложил целата завера против Сандански и напишал неколку проштални писма, Даев бил ликвидиран.

На 27 Ноември 1907 во Софија, Тодор Паница оди на вечера во домот на Сарафов каде што бил и Бугаринот Иван Гарванов, при што Паница требало да им раскаже како го ликвидирал Јане Сандански.

Откако ќе вечераат, на излегување од куќата, Тодор Паница со двете раце вади два револвера и истовремено ги убива Иван Гарванов и Борис Сарафов.Само среќата му го спасува животот на уште еден врховист и македонски изрод – Христо Матов, кој не дошол на вечера кај Сарафов затоа што бил болен.

ЌУСТЕНДИЛСКИОТ КОНГРЕС НА ВРХОВИСТИТЕ – 1908

По убиствата на Сарафов и Гарванов, на чело на Врховистите застанува одродениот Христо Матов.Од 5 до 15 Март 1908 година, врховистите под раководство на Матов ќе одржат конгрес во Ќустендил, Бугарија,

Разликите меѓу двете крила во Организацијата станале толку големи, што МАКЕДОНСКОТО крило не учествувало на Ќустендилскиот конгрес.

ВРХОВИСТИЧКОТО (ПРОБУГАРСКО) крило барало македонското револуционерно движење да дејствува во сообразност со бугарската држава и да се финансира со парите од бугарскиот буџет, додека МАКЕДОНСКОТО КРИЛО под никакви услови не сакало да дозволи мешање на Бугарија во македонската борба и било на позиции дека движењето мора да остане чисто македонско.

На Ќустендилскиот конгрес Врховистите му изрекуваат смртна пресуда на Јане Сандански.

Од овој конгрес престанала да постои изворната Македонска Револуционерна Организација (МРО подоцна ВМРО), која имала чиста македонска кауза.

ПРВИОТ АТЕНТАТ ВРЗ САНДАНСКИ

Јане Сандански за цело време работел на обединување на македонските револуционерни окрузи. Освен Серскиот на чие чело стоел, успеал да ги придобие и Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ и да ги оттргне од влијанието на врховистите.

Не запрел тука. Преку Пере Тошев се обидувал да го придобие и Битолскиот округ, а преку Петар Поп Арсов и Скопскиот револуционерен округ.

Сандански сакал да организира нов конгрес во Солун, на кој сакал да создаде нова револуционерна организација, која нема да биде под контрола на Бугарија и на врховистите.

Конгресот бил закажан за 25.09.1908.

Еден ден пред конгресот, на 24 Септември вечерта, откако се вратил од обиколка на Серскиот округ, Сандански со неколку свои комити седнал во Бошнак Ан во Солун.

Сандански заедно со комитите ги читале и коментирале дневните весници, и не забележале кога во анот упаднале тројца врховисти кои веднаш почнале да пукаат кон Јане и неговата придружба.

Сандански бил ранет во вратот, а неговите комити Мицо Врански и Танчо Атанасов биле убиени

Бугарските платени убијци успеале да го спречат одржувањето на конгресот на кој требало да дојде до обединување на македонските револуционерни сили.

Но не успеале да ја скршат волјата и упорноста на Јане Сандански да продолжи со борбата за македонската кауза.

Извор: Јане Сандански