Пред 87 години на денешен ден во 1932 година е роден Дарко Дамески, еден од најистакнатите македонски артисти, а почина пред 36 години.
Дамески, кој е роден на 12 мај во Прилеп, е еден од најистакнатите македонски театарски, филмски и телевизиски актери, почина на 51- годишна возраст во Скопје, на 12 декември 1983 година.
Тој во 1952 година ја завршил Државната средна театарска школа во Скопје, а потоа станал член на Македонскиот народен театар. А од 1964 година, по преминувањето во Драмскиот театар во Скопје, остварил четириесетина ликови.
Актерот Дамески во историјата на македонскиот филм влегува уште во самите почетоци со „Волчја ноќ “, а потоа следуваат уште триесетина главни улоги, речиси во сите македонски филмови. Неговиот лик беше присутен и на малиот екран, почнувајќи од првите ТВ драми на тогашната ТВ Скопје, сега МТВ, до речиси сите телевизиски серии и други позначајни емисии и проекти.
Последните години од краткиот живот Дамески ги посвети на монодрамата.
На Државната средна театарска школа се запишал на 17 годишна возраст, и уште во текот на школувањето настапувал во МНТ, каде има остварено многу значајни улоги.
Дамевски својот прв филмски ангажман го забележува со епизодната улога во првиот македонски филм наречен „Фросина“, а потоа речиси во сите македонски филмови, а во повеќето од нив со главна улога.
За неговиот придонес во македонската култура, во театарот и филмот, има добиено многу значајни награди и признанија. Едно од неговите најголеми достигнувања беше во филмот „Црно семе“, за што е добитник на наградата „Златна арена“ на фестивал во Пула, во Хрватска.
Хронологија на филмови во кои настапувал Дамески: 1955 – Волчја ноќ; 1958 – Мис Стон; 1959 – Виза на злото; 1960 – Ҝапетан Леши; 1961 – Мирно лето; 1961 – Солунските атентатори; 1964 – Ароматично злато; 1964 – Под исто небо; 1965 – Денови на искушение; 1966 – До победата и по неа; 1967 – Лифт горе, лифт долу; 1967 – Македонска крвава свадба; 1968 – Планината на гневот; 1968 – Споменик; 1969 – Време без војна; 1970 – Цената на градот; 1971 – Жед; 1971 – Македонскиот дел од пеколот; 1971 – Црно семе; 1972 – Истрел; 1975 – Јад: 1976 – Најдолгиот пат; 1977 – Исправи се, Делфина; 1980 – Оловна бригада.