Македонскиот генерал Васко Карангелевски е уште една личност од нашата историја, кој го загубил животот во слобода и во неразјаснет мистериозен лов, а роден е на денешен ден 7 јули 1921 година во битолското село Брусник.

Потекнува од печалбарско сиромашно семејство, а во НОБ е учесник од 1941 година, кога се вклучил во партизански одред. Карангелевски станал скоевец во 1941 година, а од 1943 година и член на КПМ.

Во текот на НОБ со одредот дејствувале на потегот по планините Пелистер, Баба и Вич. На почетокот бил командир на чета, потоа командант на баталјон, заменик- командант на бригада, командант на бригада и командант на дивизија.

Во текот на декември 1943 година, кога Германците подготвувале офанзива против бригадата, Васко Карангелевски учествувал во борба гради в гради во која загинале педесетина Германци, 42 биле заробени, како и пушки, митралези, минофрлачи и муниција.

Карангелевски со баталјонот „Стив Наумов“ учествувал во Февруарскиот поход, а кога била формирана Третата македонска ударна бригада, тој станал командант на баталјон со кој учествувал во многу борби во Македонија: кај Ново Село, кај Пробиштип, во офанзивата на Герман Планина, на Плачковица, Огражден и други места.

По ослободувањето дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во СССР, на ВВА и на Курсот за оператика на тогашната ЈНА. Бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија.

За народен херој бил прогласен на 29 ноември 1953 година.

Карангелевски според официјалната верзија загинал во несреќен случај, за време на лов на терените на планината Караџица кај Македонски Брод. Но, до ден-денес остана мистерија, како е можно борец во НОБ, школуван војник, генерал и пасиониран љубител на лов, да загине така што „се лизнал и пушката сама пукнала“, како што беше објаснуван „несреќниот случај“ во кој е загинат уште еден Македонец.

Загинал на 3 февруари 1977 година кај Македонски Брод, според официјално известување во несреќен случај, но останаа сомнежите кои се проширија дека генералот Карангелевски бил ликвидиран од безбедносните служби на тогашна СФРЈ заради „национализам“ затоа што барал во Територијалната одбрана на Македонија да службуваат само Македонци.

Трагичната смрт се случил кога Карангелевски бил командант на Скопската воена област со чин генерал-полковник.

На операциона маса е убиен војводата Таската Серски

На 7 јули 1923 година на операционата маса при операција на слепото црево е убиен војводата Таската Серски.

Роден е во февруари 1876 година во мелничкото село Врања во Пиринска Македонија. Вистинското име му Атанас Спасов Даскалов. Завршил педагошко училиште во Сер и неколку години работел како учител. Во македонската револуционерна борба рано се вклучил и станал комита во четата на Јане Сандански и негова десна рака. Тој бил главниот организатор на кружокот на ВМРО во Сер во Егејска Македонија.

Таската Серски бил близок соработник со Гоце Делчев и бил учесник во борбата кај селото Баница, кога загинува Гоце. Тој бил голем противник на врховизмот и соидејник на Сандански.

По Илинденското востание станал околиски војвода на чета од 28 комити во Серскиот револуционерен округ и член на Окружниот комитет.

Подоцна учествувал во Младотурската револуција и бил активист на Народната федеративна партија, во која во 1910 година бил избран за член на Централното раководство заедно со д-р Христо Тенчев, Димитар Мирасчиев, Чудомир Кантарџиев и Александар Бујнов.

За време на Првата балканска војна бил војвода на чета и заедно со Јане Сандански и останатите војводи влегуваат во Солун пред настапувањето на бугарските единици, како претходница на бугарската коњаница.

По убиството на Сандански во 1915 година, неговите следбеници Санданистите меѓу кои бил и Таската Серски, ја продолжиле борбата за автономија на Македонија. Тој до крајот на својот живот останува следбеник на идеите на Јане Сандански за независна Македонија.

Во октомври 1918-та Серчани објавуваат Декларација во која меѓудругото пишува: „На местото на балканскиот национализам… го креваме старото знаме на македонската автономија… Македонија треба да се востанови во нејзините географски граници…“

Санданистите (Серската група) тогаш дејствувале одделно од тогашното ВМРО на чие чело бил Тодор Александров. Тие потоа го формираат „привременото претставништво на поранешната ВМРО“, со што фактички Санданистите ја обновуваат ВМРО која ќе дејствува паралелно со другото ВМРО на чие чело бил Александров.

Новоформираното привремено претставништво на ВМРО во 1918 упатува апел до македонскиот народ и до македонската емиграцијата во Бугарија за постигнување единство во барањето за самостојност на Македонија.

Поради тоа Санданистите стануваат трн во окото на Бугарија и многу од нив подоцна завршуваат убиени.

Таската Серски по војните живеел како емигрант во Бугарија, а убиен е во меѓусебните пресметки на левицата и десницата во Организацијата во 1923 година, додека бил на операционата маса при операција на слепото црево.

Загина Ефрем Галев кој се грижел за безбедноста на Делчев во Тиквешијата во 1901 г.

На денешен ден 7 јули 1903 година, пред 116 години, во жестока борба против турската војска и полиција кај селото Раец загина Ефрем Галев од Кавадарци, борец во четата на Петар Христов Јуруков.

Галев е роден во Кавадарци во 1873 година, уште како млад го изучил шивачкиот занает. Во редовите на ТМОРО се вклучил уште со неговото формирање и бил член на неговото најтесно раководство.

Во септември 1901 година за време на 15-дневниот престој на Гоце Делчев во Тиквешијата за неговата безбедност бил задолжен токму Ефрем Галев. Во четата на војводата Петар Јуруков се вклучил во 1902 година.

Учествува во борбите кај селата: Полошко, Куманичево, Галиште, Грбавец и Клиново. Загинал во борбата што неговата чета ја водела против турскиот бимбашија Селим Чауш на 7 јули 1903 година кај селото Раец.

(Подготвил: Д.Г.)