Едниот охриѓанец, другиот стружанец, а на двајцата заедничка им е Македонија и борбата со перо, како и денот 18 јануари, кој за Григор Ставрев Прличев е роденден, а за Константин Миладинов збогување од овој свет.

И двајцата истакнати македонски поети, родени во иста година, во македонските градови Охрид и Струга.

Прличев, автор на поемата Сердарот, која му ја донела славата и бил наречен втор Хомер, е роден на денешен ден 1830 година во Охрид. А на овој ден, 18 јануари, во 1862 година во Цариград, во полициската болница, умрел Константин Миладинов, авторот на препејуваната песна на многу светски јазици, Т`га за југ.

Меѓу најпознатите остварувања на Прличев се поемите „Сердарот“ и „Скендербег“, како и неговото дело „Автобиографија“.

Со поемата „Сердарот“, која ја напишал во своите студентски години и за која на поетски конкурс во Атина добил Ловоров венец, историски ја верификувал големината на својот поетски талнет. Ова поетско дело и до денешен ден според многу елементи на епското пеење се уште не е надминато.

Македонскиот поет Прличев, по повод 1.000 годишнината од смртта на Методиј, одржал говор во Солунската гимназија на 6 мај 1885 година.

– Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великого го покорија целиот свет, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението…- рекол тогаш Прличев.

Прличев, за својата поема Сердарот во Атина бил овенчан со Ловоров венец и бил наречен втор Хомер.

Тој бил ученик на Димитрија Миладинов. Извесно време работел како терзија, а подоцна станал учител во Тирана, во Албанија. Во 1849 година запишал медицина на Атинскиот универзитет. Во периодот од 1850-59 година повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата Сердарот.

Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и Ловоров венец. Истата година делото излегува од печат.

Поемата Сердарот се смета за апсолутен врв на влогот што го дал во уметноста на зборот овој творец. Прличев напишал и извесен број песни за деца кои се сметаат за родоначалнички во македонската литература.

Починал на 6 февруари 1893 година во Охрид. Негов син е Кирил Прличев, деец на ВМРО, журналист и учесник во Илинденското востание, кој починал во 1944 година во Охрид.

(Подготвил: Д. Г.)