Една од најнерамноправните и најкрвавите битки во историјата на Македонија по Илинденското востание се одиграла на денешен ден пред 117 години во Прилепско.

На 14 јули 1907 година кај селото Ракле, на планинскиот врв Ножот, група од 45 костурски востаници, одбивајќи ја наредбата за повлекување и под мошне тешки услови, прифатиле борба со многубројната турска војска, командувана од мајорот Енвер беј.

Јунаците од Ножот биле однапред решени на саможртвување. Сите 45-мина загинале со херојска смрт. Повеќето паднале при нерамноправната битка, а неколкумина од нив се самоубиле. Откако стивнале пукотниците турскиот мајор Енвер-беј наредил со аскерски плотун да им се оддаде почит за јунаштвото на македонските комити, со кои до пред тоа војувале.

Има повеќе прикази, и историски и уметнички, за овој чин од нашата историја. Подоцна приказната за настанот во кој јунаците се бореле до последниот куршум, како и фотографии, се пренеле во повеќе делови од светот.

Чистење на селата околу Бабуна од кодошите

(Четата на Михаил Чаков)

По Илинденското востание бугарската, српската и грчката вооружена пропаганда во Македонија се засилиле. На Рилскиот конгрес кој се одржал во септември 1905 година е донесено решение да им се даде решителен отпор.

Од средината на мај 1907 година четата на Тане Николов дејствувала по должината на планината Бабуна, а од јуни и 50-члената чета на Михаил Чаков и 30-члената костурска чета на Христо Цветков. На четата на Тане Николов се приклучува и прилепскиот околиски војвода и член на окружниот комитет Петар Ацев. Кон нив се упатуваат и четите на Иван Наумов и една прилепска реонска чета на чело со Мирче Најденов.

Во регионот се концентрираат нешто повеќе од 150 комити и скоро 150 лица селска полиција од околните села. Главна цел на Обединетата чета под водство на Тане Николов е чистење на селата од планината Бабуна од србоманските шпиони и конечно уништување на српската пропаганда. Србоманите од своја страна испраќаат агенти во Битола, Прилеп, Воден, Лерин, Тиквеш и Велес за да ги предадат на турските власти македонските чети во селото Никодин. По 10 јули турските војници се распоредуваат во целиот регион.

Донесено е решение главнината да се подели на неколку помали чети, кои заземат позиции околу Никодин. Распределбата била: една единица од 40 лица зазема позиција над самото село, друга од 100 лица, која ја сочинувале главниот дел од комитските сили, се распоредува на падините помеѓу село Никодин и село Содржи. Трета единица од 45 лица од Костурската чета (30 луѓе) на чело со Христо Цветков и комити од четите на Михаил Чаков и Мирче Најдов зазема позиција на скалата Ножот над селото, другите две групи (од 8 лица) комити на чело со локалните војводи Секула Ораовдолски и Велко Попадиски се сместуваат под планината Асенова глава каде треба да го чуваат патот меѓу селото Никодин и село Владиловци. Последната група се состои од четите на Тане Николов и Петар Ацев, заедно со селската милиција се височината Попадиските чукари.

На 13 јули војводите се собираат на совет. И покрај одлуката на прилепскиот градски окружен комитет четите да се повлечат, војводите одбиваат и се подготвуваат за отпор на турскиот аскер.

Аскерски почесен плотун на Ножот

Утрото на 14 јули турски аскер се насочува кон врвот Ножот со цел да ги опколи комитите, а друга група турски војници од исток отвора оган во главната команда.

Комитите кои се наоѓаат на Ножот, отвораат оган по турскиот аскер. Притоа 18 комити се искачуваат и ги заземаат североисточните падини на самиот врв. Нивната позиција не им дозволува да гледаат што се случува на другите падини. Турските сили почнале да заземаат позиции околу самиот врв и да го обиколуваат.

(Тане Николов)

До пладне пристигнуваат нови турски единици на чело на Енвер беј. Турска чета ги напаѓа другите 18 млади луѓе на североисточните падини, притиснати и од исток од аскер, сите паѓаат убиени, што го отвора патот за силен напад на Ножот.

Со последните бомби комитите на Ножот се самоубиле. Четата на врв Асенова глава ги одбива нападите од село Смиловци и се повлекува. Четите на Михаил Чаков и Велко Апостолов – Попадиски се повлекуваат од Попадиската река во правец на село Подлес. Со падот на ноќта четите се повлекуваат и турските војници им ја губат трагата.

Вкупниот број на загинатите комити во областа на планината Ножот е 67.

(Секула Ораовдолски)

По заземањето на Ножот, аскерот почнал да се изживува врз загинатите комити, но мајорот Енвер беј го запрел тоа и наредил закоп и почесен плотун во чест на храбрите борци. Телата на херојски загинатите комити, по негова наредба, се закопани во близина на врвот од жителите на блиските села.

(Подготвил: Д.Г.)