На денешен ден во 565 година умрел византискиот цар Јустинијан Први наречен Велики. Роден е во Тауресиум во близина на Скупи, односно денешното скопско село Таор.
Јустинијан Први се прославил со кодификација на римското право, како голем градител и освојувач. Тој во 537 година ја изградил црквата Света Софија, најголема во Константинопол, односно Аја Софија во денешен Истанбул. Црквата, по освојувањето на градот во 1453 година, Турците ја претвориле во џамија, подоцна турскиот реформатор Кемал Ататурк од неа направил музеј, а од неодамна повторно е џамија во која се одржуваат верски обреди.
Јустинијан I (11 мај 483 – 13/14 ноември 565) бил византиски владетел од Македонија како цар на Источното Римско Царство (од 527—565 година), христијанин и православен теолог. Настојувал да ја обнови моќта и големината на Римското Царство која била ослабена со упадите на варварските племиња. Познат е по проширувањето на царството. Историјата го памети и како голем реформатор на класичното римско право. Јустинијан бил една од најзначајните личности во доцната антика, и со него завршува периодот на благосостојба во Византија, сè до IX век кога таа повторно ќе се издигне.
Изградил голем број храмови, од кои најубав е Света Софија во Цариград. Ги собрал и ги спроведувал римските закони. Самиот издавал многу строги закони против неморал и распуштеност.
Поради неговите заслуги за развојот на црквата и ширењето на верата, светиот цар Јустинијан се смета за светец во христијанството.
Јустинијан Први (Петрус Сабатиус) е роден во малото село Тауресиум, денешно село Таор во византиската префектура Илирик, во близина на Скупи (денешно Скопје), веројатно на 11 мај 483 година од Вигилантија, сестрата на генералот Јустин, кој подоцна ќе стане византиски цар Јустин I. Јустин I го посвоил и го зел кај себе во Константинопол, обезбедувајќи му образование, особено од областа на правото, теологијата и историјата. Кога Јустин I бил прогласен за цар, тој добил висок воен чин во царската гарда (magister militum). Уште пред доаѓањето на царскиот престол, Јустинијан покажувал голема надареност за владеење што се потврдувало со големото влијание што го имал врз неговиот вујко. Во 525 година добил титулата кајсар, а на 4 април 527 година бил прогласен за август, со што станал совладетел на Јустин I. На 1 август 527 година Јустин I умрел, со што Јустинијан на 44 годишна возраст станал единствен цар на Источното Римско, односно Византиско Царство.
(Кемал Ататурк)
Покрај Јустинијан мошне влијателна била и неговата сопруга Теодора со која се оженил во 525 година и покрај нејзиното неугледно потекло. Таа со својата интелигенција успеала да се наметне речиси како совладетел на Јустинијан.
Во 548 година Теодора умрела, а Јустинијан ја надживеал 17 години и умрел на 13 или 14 ноември 565 година.
Неговата смрт го означила крајот на периодот на благосостојба на Византија. Чумата што владеела во 541-543 година, како и постојаните напади од Персија на исток и од варварите од север и запад го ослабнале царството и довеле до нејзино постепено осиромашување и паѓање.
(Подготвил: Д.Г.)