Пред 92 години, на денешен ден, во Скопје слетал првиот комерцијален патнички авион, а пред 138 години во Кратово е роден првиот министер за правосудство на првата македонска влада, солунскиот гемиџија Павел Шатев.
На 15 јули 1882 година во Кратово е роден Павел Шатев, македонски револуционер, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори познати како Гемиџии, крунски сведок што останал да раскажува за она што се случувало во Солун пролетта 1903 година.
Животот на Шатев е многу бурен и мачен. Тој бил член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада и една од првите жртви на комунистичката тортура. Поради несогласување со повоената државна политика бил отстранет од политичката сцена, осуден на тивка смрт од комунистичкиот режим. Умрел во Битола на 30 јануари 1951 година, каде што е и погребан, бидејќи тогашните комунистички власти не дозволиле дури и последното испраќање да му биде во родното Кратово.
Шатев се школувал во родниот град, прогимназија завшил во Скопје, а во 1900 година матурирала во Солун во машката гимназија.
Токму во Солун се приклучил на Гемиџиите кои во април 1903 година ја изведуваат својата акција, копнеејќи за еден поинаков свет и Македонија, без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев бил задолжен да го дигне во воздух со динамит францускиот брод Гвадалкивир, во што и успеал – бродот бил дигнат во воздух од експлозијата, а сите патници навреме предупредени и спасени.
Поради тоа на судскиот процес на 6 јуни 1903 година бил осуден на смрт. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Фезан, во Африка.
Во 1908 година, по Младотурската револуција, добил амнестија и повторно доаѓа во Солун. Но, по кусиот престој во Македонија, заминал во Брисел каде студирал на Правниот факултет.
Во текот на Првата светска војна бил мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација бил избран за нејзин претседател. Тој воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува разузнавач за СССР.
Шатев имал важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествувал во дејствувањето на ВМРО (Обединета).
Во ноември 1941 година бил уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите бил осуден на 15 години затвор.
По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот. На 27 октомври 1944 година бил кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година бил избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станал прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.
Шатев влегол во судир со комунистичкото раководство на Македонија, а по донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото застанал на страната на советската партија. На 1 октомври 1948 година, заедно со Панко Брашнаров, до ЦК на Советската комунистичка партија упатиле доверливо писмо во кое се тврди дека „прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји…“
На 16 јуни 1949 година Шатев бил уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му бил одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје бил задржан 11 месеци, до мај 1950 година, по што бил испратен во домашен притвор во Битола, бил лишен од контакти со надворешни лица и држан во тешки услови. Набрзо се разболел и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починал во јануари 1951 година.
Комунистичките власти не дозволиле ниту да биде погребан во родното Кратово, туку бил закопан на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.
Други настани на денешен ден:
Во Санкт Петербург починал Наце Димов Чуповски
На 15 јули 1916 година во Санкт Петербург починал Наце Димов (Чуповски).
Тој е македонски деец, еден од најистакнатите членови на Македонското научно-литературно другарство и на македонската колонија во Санкт Петербург, брат на Димитрија Чуповски.
Автор е на книгата „Македонија во минатото, во сегашноста и во иднината“. Наце Димов е роден на 31 јануари 1876 година во велешкото село Папрадиште.
Пуштена е теснолинејката од Скопје до Струга
На 15 јули 1922 година била пуштена во сообраќај теснолиниската железничка пруга од Ѓорче Петров до Охрид и до струшкото село Ташмаруништа.
На оваа пруга сообраќал возот познат меѓу народот како Чајниче или Киро. Како музејски експонат, гарнитура од од овој воз, има во Кичево и се наоѓа пред Железничката станица.
Во Виена излегол првиот број на „Балканска федерација“ на Влахов
На 15 јули 1924 година во Виена излегол првиот број на весникот „Балканска федерација“.
Весникот бил издаван како орган на угнетените народи и национални малцинства на Балканот, а го уредувал македонскиот револуционер Димитар Влахов.
Во Скопје слетал првиот патнички авион
На 15 јули 1928 година во Скопје слетал првиот патнички авион.
Авионот бил од марката „потез 29“ и со овој лет била воспоставена првата воздушна линија на релацијата Белград – Скопје.
Авионот можел да превезува само 5 патници и 290 килограми багаж.
Бугарскиот окупатор во Штип ја убиле Вера Циривири – Трена
На 15 јули 1944 година бугарските фашисти во Штип ја убиле Вера Циривири-Трена.
Таа е првоборец и активен учесник во НОБ. Родена е во 1921 година во Прилеп.
(Д.Г.)