На денешен ден – 11 март
11 март 2019
1544.- Во Соренто бил роден Торквато Тасо, италијански поет. Се сметал за најголем италијански поет во периодот меѓу Петрарка и Леонардо. Живеел во времето на ренесансата, а во својот богат опус настојувал да ги изрази моралните дилеми на своето време, да го фиксира судирот меѓу доброто и злото, меѓу пороците и доблестите. Најпознати негови дела се „Ослободениот Ерусалим“, „Аминта“ и „Реторисмондо“. Умрел во Рим, на 25 април 1595 година.
1820.- Умрел американскиот сликар Бенџамин Вест. Последните години од животот ги помина во Лондон, каде што го портретирал британскиот крал Џорџ Трети.
1885.- Роден е англискиот возач на брзи автомобили и чамци Малколм Кемпбел, кој меѓу 1924 и 1935 година деветпати го соборил светскиот брзински рекорд во возење автомобил, а меѓу 1937 и 1939 година трипати во возење чамци. Во 1935 година станал првиот човек кој со автомобил возел побрзо од 300 милји на час (483 километри). Неговите рекорди ги соборил синот Доналд, кој во 1967 година загинал со чамецот „Сина птица“, при поставувањето на новиот светски рекорд на вода од 527,9 километри на час.
1892.- Роден е американскиот филмски режисер Раул Волш. Филмови: „Багдатскиот крадец“, „Цената на славата“, „Умреа во чизми“, „Џентлменот Џим“, „Сребрената река“, „Светот во негови раце“, „Голи и мртви“.
1908.- Умре Едмондо Де Амичис, италијански писател и патописец. Неговите дела, романот за деца „Срце“ и патописот „Холандија“ се преведени на сите јазици во светот. Роден бил во 1846 година.
1915.- Велика Британија ја почнала блокадата на Германија во Првата светска војна.
1916.- Роден е англискиот државник и публицист Џејмс Харолд Вилсон, водач на Лабуристичката партија и премиер на Велика Британија од 1964 до 1970 и од 1974 до 1976 година. Дело: „Војна против сиромаштијата во светот“.
1917.- Избувнала Февруарската буржоаска револуција во Русија (според стариот календар – на 26 февруари).
1917.- Британските трупи го зазеле Багдад во Првата светска војна.
1918.- Советската влада на чело со Владимир Илич Ленин и ЦК на РКП се преселила од Петроград во Москва. Тогаш Москва станала престолнина на првата социјалистичка земја во светот.
1931.- Во Куманово е роден Драгутин Аврамовски – Гуте, македонски академски сликар и графичар. Тој е еден од првите македонски припадници на апстрактното сликарство и има особен придонес за развитокот на современиот графички израз во Македонија. Се занимавал и со сценографија и илустрација. Умрел во Скопје, на 12 септември 1986 година.
1938.- Трупите на фашистичкиот Трет Рајх влегле во Австрија.
1941.- Американскиот Конгрес, на иницијатива на претседателот Френклин Рузвелт, го усвоил „Законот за заем и наем“, со кој било овозможено државата да може сите воени материјали да ги продаде, пренесе, замени, позајми, да ги даде под закуп. Со овој закон Велика Британија добила значителна помош во оружје во Втората светска војна, а САД официјално останале надвор од војната.
1943.- Фашистичките окупатори извршиле општа блокада и рација за собирање на Евреите во Македонија. Недвижните имоти на Евреите биле конфискувани, а покуќнината ограбена. Откако сите Евреи (од Скопје, Битола, Велес, Штип и од други места) биле собрани во Монополот во Скопје, на 22 март биле транспортирани во логорот на смртта „Треблинка“ во Полска, во кој, по извесно време, германските фашисти ликвидирале над 7.000 лица.
1945.- Во Македонија почнале првите слободни избори за селски, градски и околиски народноослободителни одбори. На овие избори кои траеле до 25 март, за првпат гласале и жените, лицата со навршени 18 години и сите припадници на тогашната армија.
1955.- Умрел Александар Флеминг, шкотски микробиолог. Во 1928 година открил дека габите на мувлата го спречуваат развитокот на некои микроорганизми. Ова откритие Флеминг го нарекол пеницилин, чија масовна примена започнала во 1942 година. За ова откритие, заедно со Флореј и Чаин, во 1945 година ја добил Нобеловата награда за медицина. Роден е во Лохвилд, на 6 август 1881 година.
1975.- Во Лисабон згаснала буната на падобранските единици против левичарската воена влада, а поранешниот претседател генералот Антонио Рибеиро де Спинола побегнал со група офицери во Шпанија. Следниот ден бил основан т.н. Револуционерен совет за продолжување на револуционерниот процес започнат на 25 април 1974 година со соборувањето на режимот кој во наследство го оставил Антонио де Оливеира Салазар.
1976.- Поранешниот претседател на САД Ричард Никсон признал дека во 1970 година и наредил на Централната разузнавачка агенција да спречи Салвадор Аљенде да стане претседател на Чиле. ЦИА при соборувањето на Аљенде во 1973 година пресудно го помогнала воениот заговор на генералот Аугусто Пиноче.
1985.- Ден по смртта на Константин Черњенко, за генерален секретар на Централниот комитет на владејачката Комунистичка партија на Советскиот сојуз бил избран Михаил Горбачов.
1990.- Литванското собрание ја објавило независноста од Москва. Литванија е првата советска република која излегла од Советскиот Сојуз.
1992.- Постариот водник Санко Ангеловски, за првпат на македонски јазик, ја прими должноста командир на караулата „Рамна Нива“ на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка од својот претходник, старешината на сојузната војска Радослав Милошевиќ. На граничниот јарбол се завиорило македонското знаме.
1996.- Република Македонија била примена за 39-ти рамноправен член во Северноатлантскиот совет за соработка.
1996.- Со одлука на Советот на европските министри, Република Македонија била примена во Клубот на земјите-членки на ФАРЕ.
2002.- Во Скопје умрел Илија Милчин, македонски артист и преведувач, почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Роден бил во Прилеп, на 19 јуни 1918 година.
2003.- Во Хаг бил инаугуриран Меѓународен кривичен суд. Пред овој суд, кој има мандат да суди само за дела сторени по 1 јули 2002 година, можат да се поднесат тужби за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
2004.- Во терористички напад на Ал Каеда на возови во Аточа, главниот железнички јаз во Мадрид, загинале 191, а повредени биле околу 1.500 луѓе.
2006.- Умрел Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и на Сојузна Република Југославија. Милошевиќ бил пронајден мртов во својата ќелија во затворот на Хашкиот трибунал во Шевенинген, во кој се наоѓал од јуни 2001 година.
2011.- Силен земјотрес со интензитет од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погодил североисточното крајбрежје на јапонскиот остров Хоншу, создавајќи четириметарски бранови кои предизвикале разурнување во префектурите Мијаги и Фукушима. Епицентарот на потресот бил на 125 километри источно од островот Хоншу, на 10 километри под дното на Тихиот Океан. По првиот земјотрес следувале уште серија вторични потреси меѓу кои четири со интензитет од 7,1 степени. Потресот предизвикал прекин во снабдувањето со електрична енергија на единствениот реактор на „Фукушима 1“.
2012.-Умрела Нелја Алексеевна Гулчук, руски филмски режисер, сценарист и писателка. Авторка била на повеќе сценарија и режисер на повеќе музички, долгометражни, сериски и стереоскопски филмови. Освен на трите романи за Александар Македонски, авторка е уште на неколку историски романи – „Круна од трње“, Катерина де Медичи“, „Кралот на Сонцето“ и „Бисерот на Валоа“. Родена била на 6 јули 1941 година во Москва.
2016.- Починал Александар Стојановиќ, балетски уметник од првата генерација на уметници кои ја втемелиле оваа уметност во Македонија. Стојановиќ посебно ќе биде запаметен по улогите на Алберт и Хиларион во „Жизел“, Жан де Бриен во „Рајмонда“, Ромео „Ромео и Џулиета“, Лабин во „Лабин и Дојрана“, Капетанот Кука во „Петар Пан“ и многу други. Бил и успешен кореограф и репетитор во редица неповторливи балетски проекти.
2016.- На 71-годишна возраст починал познатиот српски актер Драган Николиќ кој во 1964 година ја добил првата филмска улога во „Вистинска состојба на работите“, а првата значајна улога ја играл во филмовите „Кога ќе бидам мртов и бел“ и „Животот е убав“ од 1967 година. Се прославил со улогата во ТВ-серијата „Отпишани“. Николиќ 45 години бил во брак со актерката Милена Дравиќ. Бил роден на 20 август во 1943 година во Белград.