На денешен ден – 12 март

12 март 2019

1365.- Отворен бил Универзитетот во Виена, една од најстарите установи од овој вид во светот. Првиот универзитет во Европа е основан во Болоња, во 1119 година, вториот во Париз, Франција, во 1150 година, третиот во Оксфорд, Англија, во 1214 година, четвртиот во Кембриџ, Англија, во 1229 година, петтиот во Прага, Чешка, во 1348 година, шестиот во Краков, Полска, во 1364 година итн.

1507.- Загинал италијанскиот генерал Чезаре Борџи, вонбрачен син на папата Александро Шести кој со помош на француските трупи и поддршката од неговиот татко, по трите воени походи од 1499 до 1502 година, го скршил отпорот на феудалната династија на италијанската покраина Ромања. Во делото „Владетелот“ Николо Макијавели го величал, тврдејќи дека само владетел со таква безобѕирност можел да ја обедини Италија.

1832.- Роден е англискиот капетан Чарлс Канинг Бојкот. Во 1880 година додека управувал со дел од Ирска, бил предизвикан ненасилен отпор за одбивање соработка. Таквиот вид на ненасилен протест бил наречен според неговото презиме – бојкот.

1848.- Во Виена избиле големи студентски демонстрации против полицискиот режим на канцеларот Клеменс Метерних.

1861.- Роден е италијанскиот писател и политичар Габриел Данунцио, изразит стилист. Најдлабока трага во литературата оставил со збирките песни „Рајска поема“ и „Алкиона“. Во политиката бил исклучителен претставник на италијанскиот национализам, па дури и фашизам. Дела: романите – „Оган“ и „Сласт“, драмите – „Мртов град“, „Франческа да Римини“ и „Ѓоконда“.

1881.- Во Солун е роден турскиот државник Мустафа Кемал, познат како Кемал Ататурк, татко на модерна Турција. Под неговото водство во 1922 година исфрлен бил последниот султан Мухамед Шести, а во 1923 година Турција била прогласена за република. Тој бил еден од творците на Балканскиот сојуз во 1934 година.

1890.- Роден е рускиот балетан и кореограф Владимир Фомич Нижински, еден од најголемите балетани во историјата на балетот чија кариера траела само четири години, бидејќи во 1917 година заболел од неизлечлива душевна болест. Неговите креации никој не ги надминал, а скоковите во балетот „Сон за ружа“, поради невообичаената креативност и убавина останале како недостигнат идеал.

1912.- Американскиот капетан Алберт Бери го извел првиот скок со падобран од авион.

1913.- Канбера станала престолнина на Австралија.

1913. – Роден е Петар Богданов – Кочко, македонски композитор, оперски пејач (тенор) и организатор на музичкиот живот во Македонија. Учесник е во НОВ на Македонија. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ. По војната, еден е од основачите на Операта на Македонскиот народен театар и на првото музичко училиште, а бил и прв претседател на Друштвото на музичарите на Македонија. Како пејач оствари низа значајни улоги.

1914.- Умрел американскиот инженер Џорџ Вестингхаус, пронаоѓач на воздушните сопирачки за локомотиви и трамваи. Во 1886 ја основал компанијата „Вестингхаус електрик корпорејшн“.

1922.- Роден е американскиот писател Жан Луј Керуак, познат како Џек Керуак. Дела: романите – „На пат“, „Д-р Сакс“, „Маги Касиди“, „Богот Сар“, „Сатира во Париз“, поетските книги – „Мексико Сити блуз“, „Химна – Боже моли се за мене“, „Расфрлени песни“, патописот – „Осамен патник“.

1925.- Во Пекинг умрел Сун Јат Сен, кинески револуционер и државник. Во 1905 година ја основал Кинеската револуционерна лига, а во 1912 година ја основал партијата Куоминтанг. Во 1917 година бил избран за претседател на Јужна Кина. По победата на Октомвриската социјалистичка револуција во Русија работел на обединувањето на земјата и ја објавил револуционерната програма на Куоминтанг, во која ја вклучил и Комунистичката партија на Кина. Роден бил на 12 ноември 1866 година.

1930.- Водачот во борбата за независност на Индија Махатма Ганди започнал кампања за граѓанска непослушност против британската колонијална управа и нејзините намери да воспостави монопол во производството на сол.

1935.- Во Њујорк умрел Михаило Пупин, физичар со светски углед. Бил професор по физика и математика на Универзитетот „Колумбија“ во САД, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжи со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. За својата научна дејност посмртно ја добил Пулицеровата награда во 1924 година, како и многу други награди со светско значење. Роден бил во селото Идвор, во Банат (Војводина), на 4 октомври 1858 година.

1935.- Персија го добила новото официјално име на земјата – Иран.

1938.- Германските трупи влегле во Австрија, а Адолф Хитлер два дена подоцна објавил дека Австрија станала дел од Третиот Рајх, на што западните сили реагирале со „скрстени раце“ настојувајќи на секој начин да избегнат војна со нацистите.

1940.- По поразот во „зимската војна“ започната со советската инвазија кон крајот на 1939 година, Финска потпишала мировен договор со кој се откажала од Карелијската долина и градот Виброк на исток од земјата.

1945.- Петнаесетгодишната Ана Франк била убиена во германскиот нацистички логор Берген-Белзен. Нејзиниот дневник станала симбол на страдањата на Евреите во Втората светска војна, во која Германците систематски и плански го истребуваа тој народ во Германија и во сите окупирани земји во Европа. Нејзиното семејство по доаѓањето на нацистите на власт во Германија во 1933 година пребегнало во Амстердам, каде од 1942 до 1944 година живеело во тајно скривалиште кое  Гестапо успеал да го открие. Од нејзиното семејство војната ја преживеал единствено нејзиниот татко. По Втората светска војна нејзиниот дневник бил пронајден, а во 1947 година бил објавен. Дневникот е пишуван во време на двете години поминати во скривалиштето.

1946.- Родена е американската актерка и пејачка Лајза Минели. Кариерата ја почнала пеејќи во ноќните клубови и во њујоршките театри во Бродвеј. Филмови: „Кабаре“, (Оскар), „Кажи дека ме сакаш“, „Среќната Леди“, „Тишина, се смееме“, „Њујорк, Њујорк“, „Артур“.

1947.- Претседателот на САД Хари Труман во Конгресот ја прокламирал доктрината за помош на земјите загрозени од комунизмот („Труманова доктрина“). Првите средства им биле дадени на Грција и на Турција.

1950.- Во Санта Моника, Калифорнија, САД, умрел Хајнрих Ман, германски писател (брат на Томас Ман), генијален критичар на своето време и на граѓанското општество. Негови познати дела се „Царство“, „Седум години“, „Силата на човекот“, „Човекот од слама“ и „Професорот Урнат“. Роден бил во 1871 година.

1968.- Островот Маурициус во Индискиот Океан, британска колонија од 1810 година, станал независна членка на Британскиот комонвелт. Истиот ден во 1992 година Маурициус бил прогласен за република, прекинувајќи ги така и симболичните врски со британската круна.

1971.- Премиерот Хафез ел Асад на референдум бил избран за претседател на Сирија.

1972.- Владите на Британија и на НР Кина решиле да разменат амбасадори, иако дипломатските односи меѓу двете земји биле воспоставени уште во 1950 година.

1978.- Левите партии за првпат во историјата на Франција добиле апсолутно мнозинство во првиот круг од парламентарните избори.

1984.- Во Велика Британија почна генерален штрајк на рударите.

1987.- Во Советскиот Сојуз била извршена првата успешна трансплантација на срце.

1992.- Во индискиот град Бомбај во серија експлозии кои ги подметнале исламски терористи загинале повеќе од 300 луѓе. Индија за овие експлозии го обвинила исламскиот сосед Пакистан, но Исламабад го отфрлил ова тврдење. По една година од масакрот, исламските терористи во Бомбај предизвикале нова серија на експлозии  во кои загинаа најмалку уште 200 луѓе.

1994.- Англиската англиканска црква ракоположила 32 жени за свештеници, прекинувајќи ја 460-годишата доминација на мажите.

1995.- Во Белград умрел Мија Алексиќ, еден од најомилените и најпознатите актери во некогашната СФРЈ. Роден бил во 1923 година.

1999.- Полска, Чешка и Унгарија, како први членки на поранешниот Варшавски пакт, влегле во НАТО.

1999.- Умрел американскиот виолинист од еврејско потекло Јехуда Мењухин, еден од најголемите виолинисти на 20. век. Почнал да свири на петгодишна возраст, а светската кариера ја направил како „чудо од дете“ со неговата интерпретација на „Виолински концерт“ на Феликс Менделсон со кој на седум години се претставил на концертот во Сан Франциско. Музичката критика овој настан го оценила како сензационален. Во 1963 година ја основал „Школата Јехуда Мењухин“ за музички надарените деца.

2000.- Папата Јован Павле Втори побарал прошка за вината на Римокатоличката црква поради постапките спрема Евреите, еретиците и жените.

2003.- Пред влезот на зградата на Владата на Србија бил убиен српскиот премиер Зоран Ѓинџиќ. На предлог на владата, вршителот на должноста претседател на Србија, Наташа Миќиќ прогласила вонредна состојба.

2011.- Еден од најактивните вулкани Маунт Карангенат, еруптирал и исфрлил лава и облак на гас, неколку часа по разорниот земјотрес во Јапонија. Вулканот, со височина од 1.784 метри, се наоѓа на Сиауу, остров-архипелаг на Сулавези.

2013.- На 90-годишна возраст во својот дом во Минхен умрел последниот учесник во неуспешниот атентат врз Адолф Хитлер, од јули 1944 година, Евалд-Хајнрих фон Клајст. Роден бил во 1922 година како потомок на стара аристократска лоза од Померанија (денеска во Полска). Како 22-годишен поручник на Вермахтот, тој се борел на Источниот фронт, а со него во текот на јануари 1944 година се поврзал полковникот Клаус фон Штауфенберг. Тој му го изложил планот за убиство на Фирерот, според кој младиот војник требало на Хитлер да му го претстави новиот модел на униформа. Под униформата требало да има појас со експлозиви, што Фон Клајст требало да го активира и да се убие себе си и диктаторот. Поручникот се согласил, но планот не се реализирал.

2014.- Во Скопје по подолго боледување почина писателот Србо Ивановски. Србо Ивановски е еден од најзначајните автори, претставници на втората генерација повоени македонски писатели. Зад себе оставил обемен и разновиден опус во кој, меѓу другите, влегуваат и следните книги: „Лирика„, „Желби и меѓи“, „Средби и разделби“, „Бели крикови“, „Маѓепсан патник“, „Пена од планината“, „Близу до животот близу до смртта“, „Жена на прозорецот“, „Осамени“, „Мартин Нуната“, „Леонида трча окрвавен“, „Кога тетин Клименте шеташе над градот“… Србо Ивановски добитник бил на високи книжевни награди, меѓу кои: „Кочо Рацин“, „13 Ноември“, „Стале Попов“ и „Книжевен жезол“ за опус на Друштвото на писателите на Македонија. Српското издание на неговата книга песни „Маѓепсан патник“ во 1976 година ја добило наградата „Бранко Миљковиќ“. Роден бил во 1928 година во Штип.