На денешен ден 1945 година, поточно во ноќта меѓу 15 и 16 јануари се извршени двете најмасовни и најбрутални стрелања на Македонци во Македонија во времето на Титова Југославија.

Без судење и почитување на пресумцијата на невиност, во најголема тајност и итност, од истражниот затвор на ОЗН-а во Велес се егзекутираа 53, според најновите истражуања 86 затвотреници, а во Куманово 48 затвореници под глобално сомневање дека се „народни непријатели“.

Полувековниот молк го прекинал Титовиот биограф, политичарот и академик д-р Владимир Дедиер кој во април 1990 година во двонеделникот „21“, орган на тогашниот ЦК СКМ, отворено го обвинил некогашниот шеф на КОС, генералот Јефто Шашиќ, кој во Велес „една ноќ ги зграпчил затворениците за гуша и без сослушување сите ги стрелал“.

Во автобиографските белешки, објавени посмртно во 1999 година претседателот на Президиумот на АСНОМ Методи Андонов Ченто обелоденил дека за стрелањата во Велес и во Куманово дознал од семејствата, откако тие биле извршени без да биде информиран и консултиран.

Како иницијатор тој го посочил Едвард Кардељ, а за наредбодавач Лазар Колишевски.

Истиот ден отпатувал за Белград каде објаснување побарал од маршалот Јосип Броз Тито, кој исто така не бил информиран и веднаш издал наредба да престанат стрелањата без судење.

Според Дедиер, во тој период во Југославија без судење биле ликвидирани 140.000 луѓе.

……

На денешен ден во 1909 година во Солун е формирана Народната федеративна партија, легална граѓанска политичка партија во Македонија, чии основни цели биле обласна политичка автономија на Македонија во рамките на Турција, аграрна и даночна реформа, работничко законодавство, соработка со прогресивните движења во Турција и борба против балканскиот империјализам.

Меѓу најпознатите македонски револуционери – припадници на оваа партија се Димитар Влахов, Јане Сандански, Анастас Митрев, Димо Хаџи Димов и други.

……

На 15 јануари 1945 година во село Борје, во областа Гора, Албанија е роден Назиф Докле, Македонец, интелектуалец,  борец за правата на Македонците во Албанија, како и основач и прв претседател на етно-културното друштво на Македонците „Гора“ формирано во 1991 година, собирач на македонскиот  фолклор и обичаи од областа Гора.

Завршил ликовна уметност во Тирана, отсек склуптура, потоа завршува Висока педагошка школа во Скадар, насока албански јазик и литература. Се занимавал и со сценографија и бил режисер на повеќе документарни филмови. Објавил над 35 книги, 130 текстови во весници, како и научни и културни списанија во Албанија и други држави.

Најпознати негови трудови се речникот „горански-албански” со над 43.000 зборови, „За Гора и Гораните”, „Муке Миле”, „Севни бре ашик, севни бре душо”, „Горански народни песни”, „Богомилизмот и етногенезата на торбешите од Гора во Кукс” и други. Назиф Докле е автор на повеќе уметнички изложби. Бил организатор на повеќе фестивали во Кукс каде е претставен богатиот фолклор на областа Гора.

Почина во 2014 година во Кукс, Албанија.

(Подготви: Д. Г.)